Како што стојат работите, до овој момент, фактичката состојба е подредена само за продолжување на контроверзното „учење од дома“, со нереформирани критериуми за оценување на учениците преку овој тип на настава, вели Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност

Новата учебна година ќе почне исто како што заврши претходната – без настава во училишните клупи (исклучок се учениците од прво до трето одделение чии родители имаат можност да изберат дали нивните деца ќе ја започнат учебната година со физичко присуство). Почетокот на учебната година, независно од актуелната ситуација со пандемијата, сосема вообичаено е проследен со стрес, затоа што најголемиот дел од учениците немаат јасна претстава во првите неколку месеци што ги очекува за време на наставата.

Почетокот на новата учебна година 2020/21 претставува стрес-тест дури и за најопуштените. И учениците, и родителите, и наставниците во текот на август аргументирано дебатираат на социјалните мрежи за можните начини за реализација на наставата соочени со ризикот од актуелната пандемија и предизвиците што ќе ги донесе начинот на реализација на наставата во новата учебна година.

Едно нешто што засега го знаеме со сигурност е дека учениците нема да имаат можност да ја почнат новата учебна година во училишните клупи, па единствената опција што им преостанува е да ја следат наставата како што е најавено – онлајн.

Првичното воведување на т.н. далечинско учење на крајот од март годинава, односно минатата учебна година, претставуваше своевидно образовно фијаско кое ги принуди учениците и наставниците од дома да реализираат настава со ист обем небаре се во училиште.

„Учењето од дома“, така како што беше пропишано да се реализира минатата учебна година, речиси целосно ја промаши суштината на наставниот процес и ја оневозможи вообичаената дидактичка комуникација наставник – ученик, односно интерактивноста на часот. Родителите беа принудени да им помагаат на своите деца како знаат и умеат во совладувањето на материјалот, но и учениците беа принудени да си помагаат меѓусебно, најчесто препуштени сами на себе.

Треба да имаме предвид дека колку и да е разбирлива наставната содржина за да може родителот да му ја пренесе на своето дете, сепак, таа бара соодветно дидактичко знаење. Неопходното дидактичко знаење, се разбира, го има наставникот кој, за жал, не е во можност да биде присутен во случајот на реализација на наставата поради пропишаниот начин на учење.

Најавените реформи засега само на хартија!

Министерството за образование и наука за новата учебна година најави суштински промени во досегашниот начин на реализацијата на т.н. далечинското учење. За таа цел надлежното министерство изработи нов концепт за реализација на ваквиот тип настава. И покрај тоа, непосредно до пред стартот на новата учебна година, ниту на учениците ниту на наставниците им е ставена на располагање соодветната потребна опрема за реализација на предвидената онлајн-настава. Постојната платформа „Едуино“ треба да се дооспособи за предвидената реализација на онлајн-настава, затоа што и таа е креирана за потребите на „учењето од дома“. Се разбира, постои опција надлежните да креираат нова платформа соодветна за онлајн-настава.

Како што стојат работите, до овој момент, фактичката состојба е подредена само за продолжување на контроверзното „учење од дома“, со нереформирани критериуми за оценување на учениците преку овој тип настава. Се разбира, сите што сме засегнати треба да имаме предвид дека реформата онлајн-настава е сериозен предизвик. За нејзината реализација потребна е изработка на дигитални дидактички содржини по секој наставен предмет и сеопфатно техничко доопремување на училиштата со најсовремена техничка опрема, со стабилна интернет-врска, а се разбира и со соодветна обука за наставниците за реализација на онлајн-наставата.

Имено, предвидената и целосно реформирана онлајн-настава пропишува наставникот да биде физички присутен на своето работно место, според неделниот распоред на часови, од својата училница да реализира настава која интерактивно ќе можат да ја следат неговите ученици. Во тој случај, наставникот ќе може непречено да одржи онлајн-час, односно да комуницира со своите ученици со помош на камера и стабилна интернет-врска.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност



912

X