Со оглед на достапноста на модерната технологија, денес сè поголем број деца поминуваат време пред екраните. И додека некои родители тоа го дозволуваат само повремено, има и такви кои на своето дете секој слободен момент му даваат мобилен телефон или таблет.
Педијатрите и другите експерти се согласуваат дека премногу време на екранот е лошо за развојот на децата. Но, за многу семејства, детството без екрани не е можно. Впрочем, живееме во дигитална ера и нашите деца треба да бидат технолошки и медиумски писмени.
Метју Џонсон, директор за образование за „Медиа Смартс“, непрофитна хуманитарна организација за дигитална и медиумска писменост, вели дека е важно да се знае колку време детето поминува пред екран, што првенствено зависи од неговата возраст.
Деца на возраст под три години
Според Американското здружение за педијатрија, малите деца до три години воопшто не треба да гледаат на екраните, а единствен исклучок се можните видеоповици. Имено, истражувањата покажуваат дека видеоразговорот од неколку минути кај бебињата и малите деца предизвикува сосема различни невролошки реакции од гледањето телевизија или користењето таблети. Децата разбираат дека видеоразговорот е двонасочна комуникација, па затоа не им наштетува толку многу.
Сепак, и тоа време би требало да биде ограничено бидејќи не е безопасно.
„Постојат силни докази дека времето поминато пред екранот може негативно да влијае врз развојот на говорот на децата и другите форми на развој. Ја заменува физичката интеракција и креативната игра што им е потребна на децата за развој“, објаснува Џонсон.
Деца од три до пет години
Децата на оваа возраст се познати по нивната љубов кон екраните и цртаните филмови, но како што објаснува Џонсон, нивните желби треба да се задоволуваат умерено. „Иако нема ништо лошо во паметните телефони и другите типови екрани ако се користат повремено и умерено на оваа возраст, никогаш не треба да ги користите како средство за смирување или одвлекување на вниманието на вашето дете. Верувам дека родителите секогаш треба однапред да го планираат времето за пред екран бидејќи само така можат да се грижат колку точно време поминува нивното малечко користејќи ги“, објаснува тој.
Педијатрите советуваат децата од три до пет години да не користат екрани повеќе од еден час дневно и нагласуваат дека е важно да бидат под надзор на нивните родители или некое друго повозрасно лице.
Деца на училишна возраст
Кога станува збор за децата на училишна возраст, експертите нагласуваат дека тие тогаш добиваат нови приоритети, а времето пред екранот сепак е нешто за што треба да се води сметка.
„Децата треба да се научат дека поминувањето време пред екран не е добра навика и родителите мора да постават јасни правила. Разумното време пред екранот е исто толку важно како и оралната хигиена“, додава Џонсон.

Истражувањата покажуваат дека на децата на училишна возраст им е дозволено да поминуваат најмногу два часа дневно пред екранот, а особено е важно да се внимава каква содржина гледаат.
„Наместо да ги бројат часовите, родителите мора да размислат колкава креативност предизвикува гледањето во екраните, бидејќи програмите за анимација или одредени истражувања за училиште секако не се пасивно користење на технологијата, што не ги прави штетни, како гледањето некоја друга содржина, на пример, цртани филмови или играње игри“, забележува Џонсон и додава дека на детето треба да му се помогне да ја разбере важноста на умереноста, која е клучна во гледањето екрани.