д-р Драгана Емел Маркоска, педијатар

д-р Драгана Емел Маркоска, педијатар

Поликлиника „Д-р Ложанковски“
тел. 078 262 220
е-пошта: dragana@lozankovski.com.mk

Повеќе од авторот

Колку повеќе се буди бебето во текот на ноќта, толку повеќе ќе се зголемуваат прашањата кај родителите

Кога ќе дојде ново бебе во семејството, многу од нас прашуваат други или сами се прашуваме дали нашето дете доволно спие, дали е квалитетно спиењето или како да го направиме квалитетно. На овие прашања новопечените родители ќе добијат еден куп одговори од сите што ќе им дојдат на гости, па и од домашните.

Иако сите знаеме дека во текот на првите неколку месеци од животот на бебето ќе има ноќи кои нема да бидат онака како што очекуваме или мислиме, сепак, очекуваме да имаме бебе како од списание, да си спие онолку колку што ние сакаме, да се разбуди без плачење, секогаш да е насмеано. Колку повеќе се буди во текот на ноќта, толку повеќе ќе се зголемуваат прашањата кај родителите како: „Дали правиме добро?“, „Дали нешто треба да смениме?“, „Дали нешто не е во ред со моето бебе?“…

Колку подолго трае овој период, толку повеќе ние ќе се прашуваме дали тоа што го правиме е добро, дали треба нешто да промениме, започнуваме да ги слушаме советите што ни ги даваат другите и така почнуваме да се вртиме во кругот на новопечените родители.
Најважно е да запаметиме дека бебињата имаат свој внатрешен биолошки ритам и не разбираат, т.е. не се свесни што им кажуваат нивните родители. Вообичаено се потребни повеќе месеци додека бебето го воспостави ритамот на спиење.

Нормален развој на сонот кај бебето

Најважно е да се запомни дека сонот е развоен процес и потребите за сон се менуваат во текот на нашиот живот. Новороденчињата може да спијат и по 18 часа во текот на едно деноноќие, но се будат на секои 2-3 часа (ако имаат среќа родителите). Тоа се случува зашто имаат многу мал волумен на желудникот и потребата за храна често се јавува. Како што растат бебињата, стануваат способни да издржат и малку подолго без храна. Но, сепак, периодот во кој се појавува гладот, а со тоа се нарушува и сонот, зависи и од други фактори: дали бебињата цицаат или се на адаптирано млеко, дали се започнати и колку се изразени инфантилните колики (грчевите), дали им е доволно топло или ладно, дали сѐ уште имаат или е помината физиолошката жолтица. Некаде околу третиот месец бебињата почнуваат да имаат некаков ритам, повеќе спијат ноќе и врзуваат и до пет часа сон. Во тој период може да се почне со воведување шема за преспивање на ноќта. Со ова може да се помогне бебето да се смири подобро во текот на ноќта и да спие подолго. Сепак, треба да се внимава, не се сите бебиња исти.

Во периодот до 12-месечна возраст бебињата можат да ја преспиваат ноќта и со тоа да ви овозможат и вие да поспиете малку и да се одморите. Не е невообичаено бебињата да воспостават ритам, па потоа повторно да почнат да се будат во текот на ноќта.

За да му се помогне на бебето да спие убаво, треба да се воспостави една рутина. Таа треба да биде предвидлива и доследна. Може да вклучува бањање, облекување пижами, читање приказна и галење. Нека биде некаков ритуал. Кога бебето знае што го чека секоја вечер, полесно ќе ги развие навиките за спиење.

Воспоставување добри навики за спиење кај бебиња од 3 до 6 месеци

На возраст од 3 месеци бебето може да спие од 14 до 16 часа, од кои 10-11 ќе бидат во текот на ноќта, а другото време е во текот на денот, кое е распределено во 3 дневни дремки.

Сѐ уште во текот на ноќта бебето може да бара да јаде, но тоа зависи од типот на исхрана, како и од самото бебе. Ние (како родители) треба да се трудиме да воспоставиме добра навика за спиење. Тоа може да се направи вака, на пример:

• Да се воспостави одреден распоред на дремки и спиење кој ќе ја регулира шемата за спиење.

• Да се развие рутина пред спиење – играње тивка игра, бањање, облекување пижами, читање приказни, пеење приспивна песна, масажа, бакнеж за добра ноќ. Пред започнување на рутината пред спиење треба да се смири бебето без ТВ или гласни игри.

• Будење на бебето наутро. Доколку спие подолго од 10 часа, добро е да се разбуди, да се ресетира часовникот. Бебето треба да има распоред на јадење и будење и ќе си ги наполни батериите во текот на денот. Будењето во исто време ќе ја направи рутината предвидлива.

Проблеми што се појавуваат во текот на спиењето – транзицијата на спиење од колепка или меѓу родителите во своето креветче може да предизвика тешкотија при заспивањето на бебето. Сепак, секоја вечер следејќи ја рутината на заспивање, полека-полека бебето повторно ќе си го воспостави својот ритам.

Воспоставување добри навики за спиење кај бебиња од 6 до 9 месеци

На 6-месечна возраст бебето спие 14 часа, а може да спие без престан и до 7 часа. Спие подолго во текот на ноќта, се буди накратко и продолжува да спие. Утринската и попладневната дремка траат по околу 1,5 час. И тука важи правилото дека ако бебето има распоред на спиење, полесно ќе го регулира ритамот на спиење.
За воспоставување добри навики во овој период потребни се:

• Рутина пред спиење.
• Доследна дневна рутина.
• Оставете го бебето само да заспие. Најдобро е навечер пред заспивање да се остави в креветче и да се обидеме да заспие така, без притоа да стане зависно од нишкање или од хранење додека да заспие.

Ако заплаче, не треба веднаш да го земете в раце или да му дадете млеко, оставете го неколку минути, можеби само ќе се смири и ќе продолжи да спие. Има многу студии што велат дека ако му се даде шанса на бебето, тоа за многу кратко време ќе научи да заспива само.

Проблеми во текот на спиењето

• Растење заби – овој процес може да ја наруши секојдневната рутина, но штом ќе излезат запчињата, бебињата се враќаат на својата рутина.

• На 7-месечна возраст бебето научува дека тоа и неговата мајка се две различни личности. Почнува да чувствува раздразливост во текот на денот и ноќта кога не се заедно. Тоа се рефлектира и на сонот, па често се буди и си ја бара својата мајка. Со текот на времето тоа се надминува.

• Овој период е и период на изразен физички и ментален развој. Бебето во овој период учи да седи, лази, стои, да се превртува, да си игра со играчки, си ги осознава деловите на своето тело.

Сите овие активности ги држат бебињата будни, со што се нарушува нивата дневна и ноќна рутина и со тоа се предизвикува нарушување на сонот, т.е. често будење во текот на ноќта. Во тој случај потребно е бебето да се смести во потемна и потивка просторија и кога ќе се разбуди, опкружувањето ќе му посочи дека е време за спиење.

Воспоставување добри навики за спиење кај деца од 9 до 12 месеци

Во овој период најчесто ноќе спијат 11-12 часа и имаат по две дневни дремки од по 1 час. Потребно е да се обезбеди доволно сон затоа што тоа е важно за правилен развој на организмот.
Најважно е да се задржи рутината на спиење, дневната рутина да постои за да може полесно да заспие навечер. Колку е поизморено и поненаспано детето, толку потешко заспива навечер.

Проблеми при спиење – Сѐ уште може да постои вознемиреност од одвојувањето од мајката. Ако не сте почнале со т.н. ТРЕНИНГ на спиење, сега е време за тоа.



912

X