Количината на потребни протеини зависи од возраста и од тежината
Протеините се нутритенти кои се есенцијални за правилен раст и развој на децата, тие се главна структурна компонента на организмот. Протеините ја зголемуваат мускулната маса, присутни се во крвта, сите органи, кожата, жлездите. Буквално секоја клетка, ткиво и орган имаат потреба од протеини за да функционираат правилно. Децата што не внесуваат доволно протеини со исхраната може да стагнираат во растењето, да чувствуваат слабост, иритабилност и намален имунитет. Но колку протеини се доволни?
Истражувањата покажаа дека повеќето деца консумираат повеќе протеини отколку што им е потребно. Треба да се има предвид дека протеините не се складираат во организмот и дека повеќе протеини не значи и посилно дете.
Количината на потребни протеини зависи од возраста и од тежината. Доенчињата ги примаат неопходните протеини преку мајчиното млеко, и така за возраст од 0 до 6 месеци неопходни се околу 9 грама протеини дневно. За возраст од 7 до 12 месеци најмалку 11 грама.
Медицинските авторитети препорачуваат за возраст од 1 до 3 години 13 грама. Храна богата со протеини за оваа возраст вклучува месо, риба, јајца, ферментирани млечни производи и легуминози. Некои деца на оваа возраст веќе консумираат путер од кикиритки, но секако потребно е за тоа да се консултира педијатар. Повозрасните од 4 до 13 години имаат потреба од околу 45 грама протеини. Додека децата што се многу активни и спортуваат имаат зголемени потреби од протеини.
Како да ги задоволиме овие потреби?
Протеините не се складираат во организмот и повеќе протеини не значи посилно дете
Треба да имаме предвид дека вообичаена порција месо или риба содржи околу 20 грама протеини. Чаша јогурт има од 6 до 8 грама, јајцето околу 7 грама, а само една лажичка путер од кикиритки има 5 грама протеини. Со правилна комбинација на намирниците лесно ќе го добиеме потребното количество на дневна основа.
Изворот на протеини е исто така многу важен. Месото, живината, рибите, содржат во себе т.н. комплетни протеини, односно ги имаат сите есенцијални аминокиселини што се градбени единици на протеините и неопходно е да се внесуваат преку исхраната затоа што организмот не ги создава сам. Од растителните продукти се смета дека киноата и наутот ги имаат истите својства. Јаткастите плодови, легуменозите, семињата, млечните производи и јајцата се одличен извор на протеини, кои доколку се комбинираат меѓусебно даваат комплетен аминокиселински состав. Па така комбинација на интегрален ориз со грав или грашок, или путер од кикиритки со интегрален леб и зеленчук дава баланс во протеините и го отстранува недостигот на аминокиселини што го имаат овие намирници индивидуално. Клучот на правилната исхрана секогаш се наоѓа во разновидноста и комбинацијата на намирниците.
Секако, секогаш препорачувам протеините, како впрочем и сите други нутритенти, да потекнуваат од „вистинска“ храна, што помалку процесирана и запакувана. На децата навистина не им се потребни протеински прашоци во популарните смути.
912