Јазикот коски нема, но коски крши, вели народната мудрост. А сите сме почувствувале дека некогаш зборовите печат повеќе и од шлаканица. Користејќи ги како моќни алатки, но и како смртоносни оружја, негувачкиот и критичкиот родител можат да го демотивираат, па дури и трајно да го оштетат своето дете, или пак позитивно да го поттикнат неговиот развој, создавајќи на тој начин возрасен човек што ќе го има истото мислење за себе какво што имале и неговите родители. Репертоарот на погрдните (дискаунтирачки) зборови е огромен: вол, свиња, гуска, кокошка, глупак, смотан, трчи-лажи… Свесно или несвесно омаловажувајќи го, родителите засекогаш запечатуваат во детската свест одредени „сценарија“ за неговата личност и судбина.

„Оружјата на критичкиот и лекот на негувачкиот родител“ е предупредување за моќта на зборот и книга-апел на Станислав Петковски-Сашо, психолог, експерт по трансакциска анализа. Потребно ни е на сите, зашто секој од нас треба да ја преземе одговорноста за искажаните зборови и за нивното влијание, особено врз децата.

Со моќта на зборот ќе се одржи петтиот настан од серијата „Отворени предавања за отворени умови“ на 19 февруари, од 19 часот, во Јавна соба.

– Нашата одговорност како родители е огромна и некогаш ни треба насока како да се однесуваме кон сопствените деца. Родителскиот збор е опасна алатка ако не се користи насочено! Некогаш немаме поим дали добро постапуваме, некогаш се чувствуваме како херои! Тука се поставува главното прашање: Дали како родители ја користиме вистинската комуникација во односот кон децата? – вели Петковски.



912

X