Здравје

Колку физичка активност им е потребна на децата?

Една од најважните причини зошто децата треба да бидат активни е здравјето на коските, а ова се покажува во периодот на адолесценција

Во Америка центрите за контрола на болести и превенција препорачуваат децата и адолесцентите да имаат барем еден час физичка активност секој ден. Националната здравствена служба на Велика Британија го препорачува истото.
Постојат прашања и за видовите физичка активност што децата и тинејџерите треба да ги извршуваат, како да се привлечат младите луѓе да вежбаат и какви се напорите на истражувањата за подобро разбирање на фитнесот.
Најмалку три дена во неделата треба да бидат посветени на вежби за зајакнување на мускулите, како што се гимнастика, качување, танцување, и вежби за зајакнување на коските, на пр., скокање, скокање на јаже и трчање.

Активните деца се поздрави

„Една од најважните причини зошто децата треба да бидат активни е здравјето на коските, а ова се покажува во периодот на адолесценција“, вели Крег Вилијамс, професор по педијатриска физиологија и директор на Центарот за истражување на здравјето и вежбањето во Ексетер, Англија.
„Истражувањата покажаа дека 10 отсто зголемување на минералната густина на коскената маса го одложува развојот на остеопорозата за 13 години“, вели Вилијамс.
„Главната порака е дека децата и адолесцентите треба секојдневно да бидат физички активни и да ја искористат оваа навика во текот на подоцнежните години“, додаде тој.
Во меѓувреме, аеробните активности треба да опфаќаат поголем дел од вежбите на вашето дете – од умерена активност како што е брзото пешачење до енергична активност како што е трчањето – оваа енергична аеробна активност треба да се применува најмалку три дена во неделата.
Ако вашето дете има хронична болест или хендикеп, се советува разговор со обучено лице за утврдување на најдобрата рутинска физичка активност. Дополнително, поттикнувањето поголема физичка активност во секојдневниот живот зависи од возраста и од интересите.

Физичките вежби да бидат забавни

„За помалите деца, носењето на отворено со пријателите е одличен начин да имаат некаква физичка активност“, вели Вилијамс.
„Генерално, ако активностите повеќе стануваат навики и се дел од секојдневниот живот, ќе станат норма. Силните докази покажуваат дека кај децата и кај адолесцентите повисоките нивоа на физичка активност се поврзани со повеќе корисни здравствени резултати, вклучувајќи и кардиореспираторна и мускулна кондиција, здравје на коските, ментално здравје и одржување здрава тежина“, додава тој.
И за родителите има корист да бидат активни и да јадат здраво. Меѓутоа, некои семејства не живеат во безбедни соседства, така што не можат да ги носат децата да си играат.
„Ако немате безбедно соседство, постојат активности што можете да ги извршувате во затворени простории“, вели Вилијамс.

Од друга страна, родителите на тинејџерите може да заземат поинаков пристап за да ги охрабрат да бидат физички активни.
„Обично се обидувам да разговарам со родителите на девојчињата – во основно одделение и на почетокот на средно образование – за да почнат да размислуваат за ова. Важно е девојчињата да бидат активни за да останат активни и во подоцнежните години“, вели д-р Стефани Волш, педијатар и медицински директор за детско здравје во Детската здравствена заштита на Атланта.
Сепак, на родителите им е тешко да ги поттикнат тинејџерките да имаат физичка активност без да се спомене општата слика за телото.
„Кога зборувате за вежбање, за да ги избегнете проблемите со сликата за изгледот на телото, никогаш не поврзувајте го разговорот со тежината или губењето на тежината. Физичката активност има многу придобивки што немаат никаква врска со тежината“, додава Волш.
„Сведоци сме на прекумерните килограми кај децата и физичката неактивност, кои придонесуваат за лошо здравје. Вниманието треба да го фокусираме на тоа како најдобро да го подобриме нивното здравје и да ги поттикнеме да вежбаат“, вели Волш.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top