Луѓето што имаат домашни миленици уживаат во нивното друштво, па и ги пуштаат во нивниот кревет, да спијат заедно. Додека медицинските експерти претходно советуваа да не спиете со домашните миленици, ново истражување посочува дека оваа практика може да има позитивно влијание врз физичкото и емоционалното здравје на сопствениците.

Домашните миленици нудат сигурност, но можат да влијаат и врз квалитетот на сонот или да предизвикаат алергии кај некои луѓе, доколку им се дозволи спиење во креветот. Дали придобивките ги надминуваат ризиците, зависи од вас, вашето домашно милениче и вашите преференции за начин на живот. Истражувањата и субјективното човечко искуство покажуваат дека спиењето со домашно милениче може да има различни придобивки.

Домашно милениче може да ги намали вознемиреноста и осаменоста на сопственикот

Некои луѓе одбираат домашно милениче, особено куче, за заштита. Во една студија спроведена во САД жените што спиеле со кучиња изјавиле дека се чувствуваат побезбедни. Кучињата, исто така, можат да им обезбедат чувство на удобност и сигурност на луѓето со посттрауматско нарушување, кои имаат кошмари. Постојат и специјално обучени кучиња кои можат да ги идентификуваат физичките знаци кои укажуваат на тоа дека личноста има кошмар, па во тој момент да ја разбудат.

Во една студија спроведена на воени ветерани кои страдале од посттрауматско стресно растројство, 57 отсто од нив рекле дека кучето како домашен миленик им помагало при нивните кошмари.

Многу истражувања дошле до заклучок дека домашните миленици генерално позитивно влијаат врз менталното здравје на луѓето. За многу луѓе со долгорочни нарушувања на менталното здравје, кучињата можат да бидат дел од мрежата за поддршка, дури и ако не се специјално обучени.

Миленичето може да ги намали анксиозноста и осаменоста, да ги ублажи симптомите на нарушувања на менталното здравје, да помогне во регулирањето на емоциите, додека позитивната интеракција со куче го зголемува нивото на окситоцин кај возрасните и го намалува нивото на кортизол кај децата. Повеќето студии за придобивките за менталното здравје од имањето домашно милениче се спроведени додека учесниците биле будни, па не е јасно дали овие придобивки се јавуваат и кога луѓето спијат со своите миленици.

Сепак, се чини дека релаксирачкиот ефект од интеракцијата со домашното милениче е барем делумно поради физичкиот контакт. Многу луѓе тврдат дека спиењето со домашно милениче влијае врз нивниот сон, а претходно истражување покажало дека луѓето што имаат домашни миленици имаат помала веројатност да земаат апчиња за спиење од оние што немаат.

Присуството на кучиња или мачки значително влијае врз тоа кои бактерии ќе се најдат во домот, што следствено влијае врз имунитетот. Истражувачите претпоставуваат дека изложеноста на различни микроорганизми има корист за здравјето на луѓето и го зајакнува имунитетот, а недостигот на разновидна изложеност може да биде виновен за порастот на алергиите и автоимуните нарушувања.

Според некои истражувања, присуството на животните во раното детство го зајакнува имунитетот

Претходните истражувања покажуваат дека галењето куче го зголемува имунолошкиот одговор, така што блискиот контакт – споделувањето на просторот за спиење, може да биде од корист за имунолошкиот систем. Сепак, потребни се повеќе истражувања за да се потврди ова тврдење.

Придобивките што милениците можат да ги дадат во зајакнувањето на имунитетот се веројатно уште поголеми за децата и доенчињата, бидејќи нивниот имунолошки систем е во фаза на развој. Утврдено е дека животот со мачка во првата година од животот на бебето го преполовува ризикот тоа да стане алергично на мачки до возраст од 18 години. За мажите, живеењето со куче во текот на првата година од животот на сличен начин ги намалува шансите да станат алергични на кучиња. Присуството на две или повеќе кучиња или мачки во домот во првата година од животот на детето, исто така, може да ја намали веројатноста подоцна детето да развие други алергии, на пример, на крлежи, трева и амброзија.

Ризици од спиењето со домашни миленици

Иако спиењето со домашни миленици им носи радост на многумина, тоа исто така може да претставува и ризик за некои луѓе.

Луѓето што се алергични на животни и имаат домашни миленици обично ги држат надвор од спалната соба, дури и во текот на денот, за да избегнат изложување на влакна и првут. Иако изложеноста на домашни миленици во детството го прави човекот помалку чувствителен на алергени, истражувањата посочуваат дека ако одлучите да имате домашно милениче подоцна во животот – тоа може да ве направи почувствителни на алергени за домашни миленици.

Фактот што домашните миленици внесуваат повеќе микроорганизми во вашиот дом има и свои предности и недостатоци. Од една страна, изложеноста на повеќе бактерии и други микроорганизми може да помогне во зајакнувањето на човечкиот имунолошки систем. Од друга страна, домашните миленици можат да внесат и штетни бактерии, вируси и паразити, со што нивните сопственици се изложени на ризик од зоонози. Зоонозите се заразни болести кои животните ги пренесуваат на луѓето.

Истражувањата покажуваат дека мачките можат да го нарушат сонот на човекот повеќе од кучињата

Луѓето што се посклони на инфекции, оние со ослабен имунитет и оние со отворени рани, треба да избегнуваат да спијат со домашни миленици. Сопствениците на домашни миленици треба да бидат свесни дека дозволувањето на нивното милениче да им го лиже лицето го зголемува ризикот од разни болести.

Присуството на домашното милениче во вашиот кревет навечер може да предизвика и нарушување на сонот. Во едно истражување 20 проценти од луѓето изјавиле дека милениците ги вознемируваат додека спијат во иста просторија.

Ефектите од споделувањето на креветот со куче, врз квалитетот на сонот, веројатно ќе бидат релативно благи. Меѓутоа, ако сакате да го намалите нарушувањето на спиењето, истражувачите откриваат дека вашето куче сепак треба да спие на друго место во спалната соба.

Нарушувањата на сонот може да зависат и од типот на домашно милениче. Во едно истражување жените што делеле кревет со куче пријавиле помалку нарушувања на спиењето од оние што делеле кревет со мачка. Сепак, потребни се повеќе истражувања пред да се заклучи дека мачките повеќе го нарушуваат спиењето.

Извор



912

X