Без разлика дали ова ви е прво или четврто доење, веројатно имате многу прашања. Едно од најчестите прашања што ги поставуваат новите мајки е „колку долго мајчиното млеко може да стои надвор, односно дали е безбедно да се чува мајчиното млеко на собна температура?“ Еве што велат експертите:

Дали мајчиното млеко може да се чува на собна температура? Дали е навистина безбедно за вашето бебе? Одговорот е „да“, вели Џесика Маден, доктор на науки, педијатар, неонатолог, консултант за лактација.

– Измолзеното мајчино млеко може да се остави некое време на собна температура пред да се консумира или да се стави во фрижидер – објаснува таа. Но, има неколку предупредувања. Пред сè, треба да бидете сигурни дека го користите правилниот сад за складирање. „Мајчиното млеко секогаш треба да се чува во садови кои се темелно исчистени со топла вода и сапуница и исушени пред употреба“, вели д-р Маден. Садовите за складирање можат да бидат направени од стакло или од пластика.

И што точно значи „собна температура“? Собна температура генерално значи 25 степени, тоа е температурата на која мислат од Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) од САД кога зборуваат за складирање на мајчиното млеко на собна температура. Академијата за медицина на доењето (ABM), САД, забележува дека за безбедното складирање на мајчиното млеко, собната температура може да биде помеѓу 10 и 30 Целзиусови степени.

Како што потсетува м-р Џенел Фери, неонатолог, температурата во вашиот дом може да варира во зависност од локацијата, па имајте го тоа на ум кога го оставате мајчиното млеко. „Погрижете се да не го чувате мајчиното млеко на собна температура во близина на прозорец, за сонцето да не го стопли премногу“, советува д-р Фери.

Колку може да трае мајчиното млеко? Од ЦДЦ советуваат мајчиното млеко да стои надвор на собна температура (25 Целзиусови степени) четири часа. Од ABM велат дека може да има мали варијации во однос на тоа колку долго мајчиното млеко може да стои надвор, но тоа зависи од околностите. Мајчиното млеко може да остане надвор околу четири часа на температури меѓу 25 и 30 Целзиусови степени. Но, ако собната температура, на пример, е пониска и млекото е во стерилен сад, шест до осум часа може да бидат безбедни за стоење на мајчиното млеко.

Што се случува ако мајчиното млеко се остави надвор 4 часа или повеќе? Повеќето родители го следат токму правилото за четири часа. Д-р Маден вели дека колку долго ќе го оставите млекото на собна температура, зависи и од здравјето на вашето бебе. „Обично препорачувам да го фрлите мајчиното млеко ако е на собна температура повеќе од шест до осум часа и да им давате на здрави бебиња само мајчино млеко што е измолзено пред само четири часа“, вели таа. „Предвреме родените бебиња се изложени на поголем ризик од инфекција поради нивниот незрел имунолошки систем“. Без разлика колку часа вашето млеко е измолзено, д-р Маден вели дека малку здрав разум може да помогне. „Мајчиното млеко треба да се фрли ако има невообичаен мирис или вкус, без разлика колку долго стои на собна температура“, вели таа.

Д-р Фери се согласува со ова мислење. „Ако млекото има киселкав мирис, тоа е лошо и дефинитивно треба да се фрли“, вели таа. „Еден од ризиците од предолгото оставање на мајчиното млеко на собна температура е растот на бактерии, кои не можат да се откријат со визуелна проверка. Нема посебен изглед или боја на млеко што укажува дека е расипано. Но, млекото оставено предолго може да предизвика повраќање или дијареја кај бебето, додава д-р Фери.

Лесли Овенс од институтот „Mother Nurture Maternity“ препорачува да останете во опсегот од четири часа кога станува збор за тоа колку долго млекото треба да стои на собна температура поради ризикот од бактериска контаминација.

Што ако вашето бебе не го испие целото млеко? Едно прашање што често го добива д-р Маден е што да се прави со мајчиното млеко оставено во шишенце на собна температура, по хранењето на детето. Д-р Маден препорачува да го фрлите остатокот од млекото кое било на собна температура повеќе од еден до два часа. „Останатото млеко, исто така, никогаш не треба да им се дава на предвреме родени бебиња поради поголемиот ризик од развој на инфекции“, советува таа.

Други стручни совети за складирање млеко? Овенс препорачува да не чувате премногу млеко одеднаш. Кога го замрзнувате млекото, Овенс препорачува да користите кеси за складирање млеко и да ја означите секоја кеса со датумот.

Автор: Карина Шиждрак

Извор



912

X