Никола има сериозен проблем – сака да ги смени родителите со нови. Токму кога стигна до следното ниво на видеоиграта, татко му му го исклучи компјутерот, а мајка му луто и без збор му покажа кон бањата. Ова веќе не се трпи! Никола кипи како експрес лонец и одлучува… ќе бара нови родители на друга планета. И така почнува неговата авантура. Негов сопатник е Монструм, другарчето без кое не може да заспие.

Со подзината уста, заедно со Монструм, се најде на новата планета. А таму – да не знаеш што попрво да направиш. Но, Никола веднаш одлучи да поигра на гигантскиот компјутер распослан на полјаната. Арно ама, дојде мракот и њом-њом – ги голтна двајцата во два залаци. Откако на мракот му заврши работното време, Никола ја продолжи својата потрага. Но, се чини дека не е задоволен од тоа што го најде. Новите мајка и татко се мали дечиња што ги засега само играта. Да, Никола сака да си најде родители што повеќе ќе си играат со него, ама па и да му прават топло чоколадо, да го галат и чуваат, а не вака!?

Ништо… Потрагата продолжува. Малку е тажен, повеќе изморен, но одлуката е цврста и точка! И тогаш, се најде во една мека и топла прегратка, и мижејќи, си рече: „Ова е тоа“. Штом ги отвори очите, виде чудо – новите родители беа џинови со огромно око. Настрана сето тоа, тие беа мирољубиви, но претерано грижливи. На Никола му се смачи од таквиот третман и првпат посака да се врати дома, кај своите вистински родители. А, да, тогаш повеќе од кога било посака да му се случи нова авантура, на пример, да мие садови.

Се раздели од џиновите и мечтаејќи за својот топол дом, одвај забележа дека сè околу него стана коцкесто, еднолично, сиво. Виде деца што не си играат и не се смеат. Неговите тукашни родители беа премногу сериозни, со преголеми очекувања и барања.

Едноставно, Никола не можеше да постигне сè што ќе побараа од него. Тие не сфаќаа колку чини килограм среќа, каде може да се набави фантазијата, зошто служат играчките, што е тоа слободно време и сл. Објаснувајќи им, на Никола „му светна“ колку всушност погрешил што тргнал да ги менува родителите. Па, неговите родители може не се совршени, но не е ни тој: а така несовршени – совршено си одговараат.

Во тој момент, во краен очај, толку почна да плаче, што предизвика поплава на новата планета. За среќа, беше одличен пливач и не му беше проблем да исплива на сигурно. Ги совладаа сите неубави емоции и се премисли: Сакам дома, кај вистинските родители!
Во меѓувреме, во неговиот дом, родителите избезумени повикаа полиција да го бара Никола. Само што почна да преовладува тажната атмосфера, Никола втрча в кујна и им се фрли во прегратка на родителите. Им ја раскажа својата многу сериозна намера, но и тоа дека се премислил. И дека ги сака најмногу на целиот свет. Конечно, домот блескаше од среќа.

Ете, вака ја доживеав книгата „Сакам дома!“ од писателката Јасминка Петровиќ, која многу поубаво и посликовито ни ја раскажува мисијата на Никола. Книгата буквално црта со зборови, а има и екстразабавни илустрации што го засилуваат впечатокот на приказната. Ви препорачувам да не го одминувате ова книже со многу мудрости и смешки.

Досега го прочитав двапати, ама не гарантирам дека нема наскоро да му се навратам: да ме развесели, да ме подзамисли и да ме изнасмее. Мене, на пример, ме научи дека мора да бидеме толерантни и соработливи. Да не им се спротивставуваме на родителите затоа што тие ни го мислат најдоброто, иако понекогаш ни се чини дека се против нас. Да не ги загрижуваме и секогаш внимателно да им кажуваме зошто понекогаш не се согласуваме со нив. Сигурно ќе нѐ разберат и гарантирано ќе најдеме заеднички јазик. Така треба да биде и со другарчињата, и со соучениците… со сите луѓе. И за крај, многу ме интересира како би постапиле вие кога би биле на местото од Никола? Пишете ми на citanka@deca.mk

 



912

X