Лековитите својства на прегратката за бебињата и нивниот правилен психолошки развој со години се предмет на различни истражувања. Првата година од животот на доенчето е важен период за развој, како физиолошки така и емоционално. Исто така, тоа е период во кој се развива вербалниот јазик, така што голем дел останува непознат за начините на кои се воспоставува врската помеѓу родителот и детето.

Допирот игра клучна улога во овој начин на комуникација, а научниците од Универзитетот „Тохо“ во Токио, Јапонија, неодамна ги објавија резултатите од истражувањето кое покажува како бебињата физиолошки реагираат на држење и прегратка.

– Повеќето родители уживаат да ги гушкаат своите деца. Знаеме и дека децата сакаат да бидат прегрнати од нивните родители. Но, она што нѐ изненади е колку малку знаеме за гушкањето – вели С. Јошида, автор на една од студиите.

Отчукувањето на срцето на 4-месечно бебе се синхронизира со срцето на родителот кога ќе го прегрне. Самото држење додека бебето се храни или се носи не дава исти резултати.

Генерално, истражувањето забележува дека родителот го држи или прегрнува бебето од две причини. Функционалното држење значи носење на бебето кога го храниме и го држиме во рацете. Но, прегратката има друга цел. Таа е израз на наклонетост и изразува радост, љубов, среќа и топлина.

И држењето и гушкањето вклучуваат примена на одреден степен на притисок врз грбот на детето. Истражувачите сакале да откријат дали бебето го сфаќа значењето на прегратката или едноставно реагира позитивно на примената на притисок.

„RRI“ е реципрочен број на отчукувања на срцето што се мери кај бебињата, па затоа научниците сметаат дека поголемата вредност на RRI претставува поголем степен на релаксација кај новороденчето, а со тоа и позитивен одговор.

Истражувачите го мереле RRI на доенчињата додека родителот ги држел, гушкал или цврсто ги гушкал. Во секој случај, мајката или таткото го подигнувале детето од креветчето, прво го држеле неколку секунди, а потоа го гушкале или цврсто го гушкале 20 секунди, пред да го вратат во првобитната положба.

Бебето било следено за време на експериментот, па кога еден родител прегрнал бебе постаро од 4 месеци, истражувачите откриле дека „RRI“ се зголемуваат, што укажува на тоа дека доенчето сметало дека прегратката е смирувачка. Тие забележале слични зголемувања на „RRI“ и кај мајките и кај татковците. Таков ефект не се случил кога родителот едноставно го држел бебето. Освен тоа, и родителите покажале висок сооднос на зголемени интервали на срцевиот ритам гушкајќи ги своите бебиња.

– Откривме дека и бебињата и родителите се опуштаат со гушкање – вели Јошида.

– Вашето бебе сака да го гушкаат, особено кога го гушкате вие. Иако бебињата не можат да зборуваат, тие ги препознаваат своите родители и знаат кога се во нивната прегратка. Прегратките и нежноста не само што го смируваат бебето, туку можат да бидат од голема помош и да имаат лековито дејство во развојот на бебињата – се заклучоците од истражувањето.

Извор



912

X