Здравје

Коксаки вируси – што треба да знаат родителите

Коксаки вирусите се дел од фамилијата на ентеровируси (каде што припаѓаат и полиовирусот и хепатит А вирусот) кои живеат во дигестивниот систем на човекот.
Вирусот може да се шири од човек на човек, најчесто преку нечисти раце и површини контаминирани со измет и може да живее и до неколку дена.
Во повеќето случаи инфекциите со коксаки вирусот предизвикуваат благи симптоми слични на грип и може да поминат без третман. Но, постојат и случаи каде што може да предизвикаат сериозни инфекции.

Какви проблеми може да се случат?

Коксаки вирусите можат да предизвикаат симптоми на различни делови од телото, на пример:

  • Болест на рацете, нозете и устата, тип коксаки вирус синдром кој предизвикува болни црвени блистери на грлото, јазикот, гингивата и тврдото непце, внатрешноста на образите и на дланките и стапалата.
  • Херпангина, инфекција на грлото, предизвикува меурчиња со црвени прстени и улцери на крајниците и мекото непце, месестиот заден дел на покривот на устата.
  • Хеморагичен конјунктивитис, инфекција која ги зафаќа белките на очите, обично започнува како болка во очите, брзо проследена со црвенило, насолзени очи со оток, чувствителност на светлина и заматен вид.
    Повремено, коксаки вирусите може да предизвикаат посериозни инфекции кои можеби ќе треба да се лекуваат во болница, вклучувајќи:
  • вирусен менингитис, инфекција на менингите (мембрани кои го опкружуваат мозокот и ‘рбетниот мозок);
  • енцефалитис, инфекција на мозокот;
  • миокардитис, инфекција на срцевиот мускул.

Мајките може да им ја пренесат инфекцијата на своите новороденчиња за време или веднаш по раѓањето. Бебињата се повеќе изложени на ризик од сериозна инфекција, вклучувајќи миокардитис, хепатит и менингоенцефалитис (воспаление на мозокот и менингите). Кај новороденчињата, симптомите може да се развијат во рок од 2 недели по раѓањето.
Дали инфекциите со коксаки вирусот се заразни?
Коксаки вирусните инфекции се многу заразни. Тие можат да се пренесат од човек на човек преку неизмиени раце и површини контаминирани со измет. Тие, исто така, може да се шират преку капки течност испрскани во воздухот кога некој кива или кашла.
Кога избувнувањето влијае врз заедницата, ризикот од инфекција со коксаки вирусот е најголем кај доенчињата и децата помлади од 5 години. Вирусот лесно се шири во групни организации, како училишта, центри за згрижување деца и летни кампови. Луѓето се најзаразни првата недела, кога се болни.
Во постудените предели, епидемиите најчесто се случуваат во лето и во есен, но тропските делови од светот ги имаат во текот на целата година.

Како се третираат инфекциите со коксаки вирусот?

Во зависност од видот на инфекцијата и симптомите, лекарот може да препише лекови за вашето дете да се чувствува поудобно. Бидејќи антибиотиците дејствуваат само против бактерии, тие не можат да се користат за борба против инфекција со коксаки вирусот.
Можете да дадете парацетамол или ибупрофен за ублажување на болките. Ако треската трае повеќе од 24 часа или ако вашето дете има какви било симптоми на посериозна инфекција со коксаки вирусот, јавете се кај вашиот лекар.
Повеќето деца со едноставна инфекција со коксаки вирусот целосно закрепнуваат по неколку дена без да им треба медицински третман. Дете што има треска без никакви други симптоми треба да се одмора во кревет или да си игра тивко во затворен простор. Понудете му многу течности за да спречите дехидрација.

Колку долго траат инфекциите со коксаки вирусот?

Времетраењето со кокаски инфекцијата може да варира. Децата што имаат само треска може да видат дека нивната температура се враќа во нормала во рок од 24 часа, иако просечната треска трае 3 дена. Болеста на рацете, стапалата и устата обично трае 2 или 3 дена; вирусниот менингитис може да потрае од 3 до 7 дена.

Кога треба да се јавам на лекар?

Веднаш повикајте лекар ако вашето дете има некој од овие симптоми:

  • температура повисока од 38°C за доенчиња помали од 6 месеци и повисока од 38,8°C за постари деца;
  • слаб апетит;
  • проблеми со хранењето;
  • повраќање;
  • дијареја;
  • отежнато дишење;
  • конвулзии;
  • невообичаена поспаност;
  • болка во градите или стомакот;
  • рани на кожата или во внатрешноста на устата;
  • силна болка во грлото;
  • силна главоболка, особено со повраќање, конфузија или невообичаена поспаност;
  • вкочанетост на вратот;
  • црвени, отечени и насолзени очи;
  • болка во еден или двата тестиси.

Може ли да се спречат инфекциите со коксаки вирусот?
Не постои вакцина за да се спречи инфекција со коксаки вирусот. Миењето на рацете е најдобрата заштита. Потсетете ги сите во вашето семејство да ги мијат рацете добро и често, особено по користење на тоалетот, по менување пелена, пред оброците и пред подготвување храна. Заедничките играчки во центрите за згрижување деца треба често да се чистат со средство за дезинфекција бидејќи вирусот може да живее на овие предмети со денови.
Децата кои имаат инфекција со коксаки вирусот треба да се држат надвор од училиште или детска грижа неколку дена за да се избегне ширење на инфекцијата.

Автор: д-р Весна Атанасовска,
спец. по семејна медицина, ПЗУ Медико Марија

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top