Мојата работа наместо во Македонија, ја продолжив во Дубаи. Оние што мислеа дека направиле добро со моето бркање од работа, всушност ми го отворија патот за поголеми предизвици во животот и струката, вели Николче Колев, познат меѓу децата како Коката

Се сеќавате ли на наставникот Николче Колев, кого родителите и децата од градинката „Павлина Велјанова“ од Кочани го бараа назад откако по петгодишен ангажман на негово место беше примен друг наставник? Тој доби работа, но не во Македонија, туку во Дубаи.

Пред неколку месеци тој за Деца.мк објасни дека и покрај огромниот труд што го вложил за развој на гимнастиката во Кочани и организација на 5 детски олимпијади, не го добил вработувањето во градинката.
– На огласот се пријави и друг кандидат и ми беше кажано да не очекувам дека ќе бидам примен бидејќи не сум партиски подобен – ни изјави Колев, познат кај децата од Кочани како Коката.

Коката со учениците во Дубаи

Работа добил за една недела

Тој и сега работи гимнастика со деца и млади, но не во Кочани, туку во Дубаи. Понуда за работа добил по само една недела откако аплицирал.

– Мојата работа наместо во Македонија, ја продолжив во Дубаи. Оние што мислеа дека направиле добро што ме избркаа од работа всушност ми го отворија патот за поголеми предизвици во животот и струката. Јас немам проблем со моето знаење и квалитети, болката доаѓа од нискиот начин на кој ми го направија тоа, а за град и држава во која имам голем придонес во делот на спортот. Сепак, не изгубив јас, изгуби градот Кочани, изгубија децата и идните генерации, изгубија родителите, изгуби гимнастиката – вели тој.

Колев раскажува како ја добил работата во Дубаи.
– Имам пријателка (поранешна гимнастичарка) што работи во Катар. Ја прашав дали знае клубови што имаат потреба од профил како мене. Таа ми прати веб-страници од клубови од Катар и од Дубаи. Откако аплицирав, по два дена од клубот од Дубаи ми побараа докази (слики) за наградите што ги имав наведено во моето СV и интервју на „Скајп“. По интервјуто имав задачи од стручна анализа на некои техники од гимнастика и по седум дена добив понуда за работа од клубот, која ја прифатив – вели тој.

Децата те сакаат таков каков што си

Од декември тој е вработен во гимнастичка академија која се вика Gymnasticstimes. Работи со деца на возраст од 4 до 16 години. Вели дека клубот има сали на 5 локации, 10 професионални тренери и над 350 члена. Се натпреваруваат во земјите од Блискиот Исток, а од оваа година и во Европа, т.е. Унгарија.

– Овде е сѐ поедноставно. Немаш никаков притисок за нешто што не е домен на твојата стручност. Треба да си спремен да одговориш на задачите од твојот договор. Најважно е што ги ценат квалитетот и мислењето на работникот и што вложуваат во условите за работа, т.е. справи за гимнастика – раскажува Колев.

Тој на својот фејсбук-профил постојано постира фотографии од среќни и насмеани деца што вежбаат со него. Претходно оваа среќа со него ја делеа дечињата од Кочани. Вели дека во Дубаи има луѓе со националности буквално од цел свет и функционираат одлично.
– Децата те сакаат таков каков што си, без разлика дали во Македонија или Дубаи. Тие се искрени души и ја чувствуваат твојата енергија – вели тој.

Колев (десно) на натпревар со другите тренери и учениците

Го прашуваме дали би се вратил во Македонија ако му се даде шанса, односно ако добие работа?
– Имам договор за работа за две години. За понатаму не можам да потврдам каде ќе бидам. Како што стојат работите, во скоро време не се гледам во Македонија, за понатаму се надевам дека ќе има промени во политиките со младите и квалитетни кадри кои се битни за иднината на државата. Тоа го чувствува сега Македонија, а ако продолжи вака, ќе биде земја на пензионери без никаква иднина. Ја сакам мојата држава и би придонел во секој сегмент за доброто на моите сограѓани, иако за жал таа не ми врати со добро, се надевам дека нештата ќе се променат.

Одлични услови за работа

Инаку, Колев беше и селектор на Македонската репрезентација во гимнастика и тренер на гимнастичкиот клуб „Кочани“, но вели дека работата со децата и развивањето на љубовта кон спортот од најмали нозе му се најголем предизвик.



912

X