Исхраната има важна улога во физичкиот и менталниот развој на детето, како и во однесувањето. Според извештај од 2020 година, објавен во „The Lancet: Child & Adolescent Health“, апсолутно најлош вид храна за мозокот на вашето дете е брзата храна. Истражувачите од Универзитетот „Вестерн“ прегледале повеќе од 100 различни студии за да донесат заклучок. Студиите што ги проучувале се занимавале со темата како лошиот избор на исхрана може да влијае врз децата и мозокот на адолесцентите.
Извештајот покажал дека децата и тинејџерите консумираат многу големи количини калорична нездрава храна, што негативно влијае врз развојот на нивниот мозок. Тоа главно е затоа што во мозокот на адолесцентите сѐ уште се развива фронталниот кортекс, делот од мозокот кој е одговорен за помнење, внимание и контрола на импулси. Според студијата, брзата храна може негативно да влијае врз способноста на детето да го саморегулира својот избор на храна.
Како преголема количина нездрава храна може да влијае врз мозокот и иднината на детето
Овој извештај, исто така, нагласува дека поголемата консумација на брза храна доведува до нездрави избори во исхраната и кога децата ќе пораснат, што може да придонесе за дебелеење. Студија од социјална психијатрија и психијатриска епидемиологија открила дека лошиот квалитет на исхраната кај адолесцентите е поврзан со зголемен број случаи на депресија. А нова студија од Универзитетот „Џорџија“ покажала дека зголемената консумација на додаден шеќер во детството може да доведе до оштетување на помнењето во возрасна доба. Меѓутоа, оваа студија е спроведена на глувци, така што потребни се уште истражувања.

Здрава храна за мозокот на детето
Рецензија од 2017 година наведува дека здравата исхрана за развојот на детето треба да вклучува изобилство на протеини, јаглехидрати (нерафинирани), здрави масти, железо, витамини А, Це и Де и витамин Бе. „Медикл њус тудеј“ предлага на детето да му нудите зеленчук, павлака, масна риба и јајца. Наведените намирници се сметаат за здрави за мозокот на детето.