Јас тргнувам прво од бракот бидејќи оттаму почнува сè. Современиот брак е загрозен од себичност, гордост, неподготвеност да делиме. А современата цивилизација поттикнува егоизам. Крајната родителска цел е да ги оспособиме децата да живеат без нас. Би требало да можеме во недела да одиме на ручек кај нив, а не постојано тие да доаѓаат кај нас, вели проф. д-р Влајко Пановиќ, клинички психијатар за zelenaucionica.com.

Од раѓање, па некаде до 4. година најважна задача на родителот е да му помогне на детето да усвои хигиенски навики, навики за спиење, оброци итн. Токму во тој простор родителите прават многу грешки.

Храна

Со доаѓањето на свет детето има физиолошка потреба за храна. Тука се родителите и бабите и дедовците, кои мислат дека му прават добро на детето, па го условуваат – ако ова – тогаш… И за 7 дена добивате бумеранг: сакам – ако. Ќе изедам ако ми дадеш… Ќе изедам ако ме пуштиш… Уште една работа – никогаш, ама никогаш не правете ја – не прашувајте ги децата што ќе јадат. До полнолетство вие морате да им го обезбедите на децата она што ќе им ги развие потенцијалите. Тоа е ваша задача. Ако тоа не го препознаеме навреме, правиме голем проблем. Со различни ритуали децата нè присилуваат да им пуштаме цртани филмови, да им покажуваме авиони, само за да ја отворат устата да јадат. Спонтаност – тоа е она што им недостига на многумина. Тоа е носител на радоста. Современиот човек не е спонтан, тој е програмиран. Ние брзаме, несигурни сме, се стремиме кон автентичност, особено младите родители со прво дете. Кога ќе се појави првата температура, родителите тоа го доживуваат како трагедија.

Авторитет

Авторитетот не ја задушува слободата на децата. Здравиот авторитет им помага на децата да дишат. Но, тој не се добива со раѓањето. Само се освојува со личен пример. Ако им понудиме на децата да одбираат што ќе јадат, добиваме зона на конфликт од која не можеме да излеземе. Ако ги прашате децата што ќе јадат, најчесто ќе го бараат она што не можете да им го дадете.

Однос кон спиењето

Во текот на денот се трошиме, во текот на ноќта се обновуваме – со тој ритам сме усогласени. Цивилизацијата, пак, наметнала систем во кој нашите луѓе остануваат будни длабоко во ноќта. А не знаеме ни самите зошто. Станавме жртви на информации. Така и нашите деца остануваат будни доцна во ноќта без соодветна причина. Децата би требало да легнуваат до 21 часот. Хормоните на растот се обновуваат до 22.

Родителите ми кажуваат: не можам да го натерам да легне. Внимавајте на изразот: натерам. Тука веќе знаеме дека родителот паднал на испитот во однос на авторитетот. Децата се воспитуваат со добрина, трпение и личен пример. Лицемерно е однесување во семејството кога таткото ќе му каже на тинејџерот: „Немој да пробуваш алкохол!“, а потоа ѕвони некој на врата, дошол кумот, па двајцата пијат ракија и слично. Детето гледа дека таткото едно зборува, а друго прави. Нашите деца ќе нè имитираат нас, а не нашата приказна.

Усогласеност

Замислете тинејџер, таткото му забранува да излегува, а мајката вели: „Пушти го, пушти го, ако не излегува сега, кога…“ Усогласеноста е многу важна. Ако ние му испраќаме една, а другиот родител друга порака, детето ќе се сврти кон попустливиот родител, но тој истиот попустлив родител во подоцнежниот живот од детето често ќе биде отфрлен.

Споредување

Замислете како се чувствува вашето дете кога ќе кажете за некого: види колку е тој паметен, добар, послушен… Кога во семејство има две деца, родителите обично тврдат дека се целосно различни. Немојте никогаш да ги споредувате. Секое лице е единствено и ние треба да направиме процена какво ќе биде детето. Некогаш кога имало по 5-6 деца, според некои склоности им се одредувал патот. А ние денес имаме само едно или две деца, па ги товариме со силни обврски.

На пример, кога помалото дете зема работи и книги од постарото, родителите најчесто му велат на постарото: „Пушти го, тој е мал, ништо не знае, ти си првенец на тато, ти си паметен“. Каква порака сте испратиле? Па дека повеќе го сакате помалечкото!

Едно девојче од 9 години на една трибина ми рече: „Јас нема веќе да бидам паметна, доста ми е секогаш јас да бидам паметна“. Преведено на јазикот на денешницата, паметните се повлекоа во ќошињата, а овие другите водат оро. Така што, ако испраќаме таква порака, помалото дете сфаќа дека многу нешта му се дозволени. Тоа и на игралиште ќе го бара она што не му следува.

Што да се направи во тие ситуации?

Да се каже следното – никогаш не смееш да ја земеш играчката од постариот ако не ти дозволи. Тоа го постигнуваме ако со личен пример го користиме она „те молам“, „ти благодарам“, „извини“. Па така, јас знам дека тоа не ми следува, но те молам да ми го дадеш. Јас сум свесен дека ти мене ми правиш некоја услуга и јас ќе бидам благодарен. А ако на помладите им се одземаат играчките и вие тоа го одобрувате, така поттикнувате агресија, па постариот ќе го удира помладиот кога ќе има можност итн.

фото: Јутјуб

Однос кон спортот

Јас доста време работев со деца чии родители ги тераат да се занимаваат со спортот и често ми беше жал за тие деца поради сите притисоци што ги трпат од родителите. Спортот треба да донесе радост. Кај нас, спортот е агресија. Само слушајте пренос: Ѓоковиќ го згази Надал. Што учи детето за спортот кога слуша вакви коментари?

Денес на секој ќош имаме обложувачници, казина. Има родители кои се задолжуваат за да ги вратат долговите во кои навлегле нивните деца. Ние треба да го менуваме својот пристап кон децата сè додека она што ние им го посакуваме на децата не биде прифатливо. Кому не му е позната онаа замка: Па дали морам 100 пати да ти кажам да го направиш тоа? А ниту еден родител не се прашува зошто морал 100 пати да каже. Како не умеел поинаку да го научи детето. Па има напад на бес и вика. Луѓето мора да разговараат. Некое истражување вели дека брачните парови во Србија разговараат од 3 до 5 минути.

Се воспитува со смирен тон, прегратка, поглед в очи, насмевка. А ние главно разговараме од горе. Затоа советувам, кога ќе видите некој како го повишува тонот, веднаш седнете. Бидејќи стоењето е борбен став. Ние не се слушаме едни со други.

Кога ќе им речам да ги нацртаат родителите, децата сè ми кажуваат. Тие се најдобри проценители на родителите. Кога ќе разменам неколку реченици со децата, јас знам сè за родителите. А што  правиме ние: Ние сурово се лишуваме од разговор, семеен оброк, заедничко излегување. Ние немаме приоритети, децата тешко ги прават и тешко го организираат своето време и тоа е една од најболните теми што прераснува во проблем со мотивацијата.

Треба да го вратиме достоинството на семејството како заедница каде што правилно се распоредени улогите, а не она што денес го имаме, два вида улоги во семејството – едни се магариња, а други се паразити. Вие морате да ги оспособите децата, морате да ги научите да испржат јајца, да наместат кревет, а не да ги оставите уште малку да спијат со став „кога ние сме се мачеле, не мора и тие“. Потоа ќе биде: „Кој ќе се ожени/омажи со тебе, не знаеш ниту две јајца да испржиш?“

Треба да му го вратиме достоинството на семејството, тука детето треба да се врати по напорниот ден, свесно дека ќе најде засолниште, дека нема да биде изиграно, отфрлено.

 



912

X