Најдобро време за забременување е кога личноста е физички, емоционално и финансиски подготвена за тој чекор. Додека повеќето луѓе се во својот репродуктивен врв во своите 20-ти години, има некои кои сè уште не се подготвени да станат родители. Затоа повеќето експерти и родители се согласуваат дека навистина не постои совршена возраст за забременување.

„Колку сте помлади, толку помалку пари и ресурси имате за да се грижите за дете. Колку сте постари, толку повеќе пари имате“, вели гинекологот Венди Ц. Гудал Мекдоналд.

Денес многу ни е познат и поимот сендвич-генерација, која се состои од луѓе кои истовремено се грижат и за деца и за старите родители. Во продолжение дознајте што ви носи бременоста, во зависност од возраста на која забременувате.

Пред 20-тата година

Да се ​​има дете во тинејџерските години не е идеално од многу причини, но плодноста тогаш е во својот врв. Според д-р Гудал Мекдоналд, жените на оваа возраст тежат помалку, што помага да се намали ризикот од компликации во бременоста, како што се гестациски дијабетес и хипертензија. За жал, стапките на прееклампсија имаат тенденција да бидат повисоки кај луѓето на оваа возраст и повторно се зголемуваат во доцните 30-ти и раните 40-ти.

Од 20 до 24 години

Повеќето луѓе во раните дваесетти се многу плодни, но финансиите се уште можат да бидат товар на оваа возраст.

Од 25 до 29 години

Медицински, шансите да забремените во доцните 20-ти се исти како и во раните 20-ти, а добрите и лошите страни на животниот стил исто така не се многу различни. Но, на оваа возраст имате повеќе мудрост и трпение за да имате деца.

Од 30 до 34 години

На оваа возраст плодноста опаѓа. Што се однесува до предностите, забременувањето во раните 30-ти е добро затоа што сте имале време да уживате во младоста.

Од 35 до 39 години

Плодноста почнува да опаѓа на 32-годишна возраст, а тој пад значително се забрзува по 37-мата година, па луѓето во средината на 30-тите или доцните 30-ти години треба да разговараат со гинеколог во врска со зачнувањето. Почнуваат да се зголемуваат и здравствените ризици, како хипертензија, гестациски дијабетес и прееклампсија, како и стапката на хромозомски абнормалности.

Од 40 до 45 години

Шансите здрава личност да забремени на оваа возраст се помали од 5 проценти. Медицинските ризици се еден проблем: луѓето над 40 години имаат зголемен број компликации во раната бременост, како што се вонматерична бременост и спонтани абортуси.

Бремената жена, исто така, има поголема веројатност да страда од прееклампсија, дијабетес, плацента превија, ниска породилна тежина на новороденчето и предвремено раѓање, а повисока е и стапката на смртност на бебето. Ризиците дополнително се зголемуваат ако жената веќе има висок крвен притисок, дијабетес или е со зголемена телесна маса.

Извор



912

X