Главно акцентот е ставен на биолошкиот часовник и плодноста на жените, но ново истражување тврди дека и мажите немаат многу време за деца. Квалитетот на спермата опаѓа со возраста, а мажите постари од 40 години имаат помали шанси да успеат во однос на зачнувањето. Од биолошка гледна точка, експертите што работеле на истражувањето објавено во „Journal of Epidemiology & Community Health“ веруваат дека најдобри години за татковство се од доцните 20-ти до раните 30-ти.

Но, сепак, можно е мажот да стане татко на дете во неговите 50-ти години или подоцна – најстариот маж според Гинисовата книга на рекорди имал 92 години во моментот на раѓањето на детето. Имено, мажите не престануваат да произведуваат сперма, туку таа трпи различни генетски мутации со возраста, што ја зголемува веројатноста за оштетување на ДНК на спермата. Ова може да влијае врз плодноста, како и врз здравјето на идните деца. Истражувањата покажале дека мажите кои стануваат татковци на поодмината возраст имаат поголема веројатност да имаат деца со невроразвојни нарушувања.

Студија спроведена во 2010 година забележала дека потомците на мажи постари од 40 години имаат петкратно поголем ризик од развој на нарушувања од спектарот на аутизам во споредба со општата популација. Здравјето на спермата може да зависи од различни фактори: храната, пушењето, пиењето алкохол, рекреативната употреба на дрога и дебелината. Пушењето е поврзано не само со намалување на квалитетот на спермата, туку и со намалена количина и подвижност на спермата.

За да се произведе оптимална сперма, неопходно е да се јаде здрава храна. Ако имате прекумерна тежина, губењето на тежината ќе го олесни зачнувањето. Некои студии сугерираат дека исхраната богата со антиоксиданси може да помогне. Исто така, важно е да се намали пушењето и консумирањето алкохол на минимум. На мажите им се советува и да избегнуваат да носат премногу тесна облека, да не го држат лаптопот в скут и да не минуваат долго време во седечка положба.

Извор



912

X