Сакате уште едно дете, но загрижени сте како вашето постаро дете ќе го прифати новиот член во семејството. Кога е најдоброто време за „ново“ бебе?

На една страна е мислењето дека поголемата разлика помеѓу децата помалку го нарушува семејниот живот, а и полесно е трошоците да се распределат кога разликата е поголема. На друга страна е уверувањето дека доколку разликата меѓу децата е помала, тие ќе бидат поблиски.

Каков ефект ќе има доаѓањето на второто бебе кога е во прашање првото дете и како разликата во годините ќе влијае врз неговиот ментален развој? Која е идеалната разлика помеѓу раѓањата на децата и кои се предностите и мааните?

Едногодишно дете

Големата предност на малата разлика во годините е тоа што вашето дете од самиот почеток ќе има со кого да си игра. Ќе ви биде полесно да одгледувате ново бебе со оглед на тоа дека неодамна сте поминале низ сето тоа и не сте имале време да „заборавите“. Ги знаете сите предности и маани, а тоа ќе ви помогне полесно да се организирате. Како резултат на тоа, ќе имате повеќе време да се посветите на постарото дете. Освен тоа, детето на возраст од една година уште не е свесно за својата „единствена“ позиција во семејството, така што не постои голема можност да биде љубоморно.

Меѓутоа, можеби ќе ви претставува товар да се борите со двоен број пелени и повторно непроспиени ноќи. Можеби ќе чувствувате грижа на совест бидејќи немате доволно енергија да му се посветите целосно на постарото дете. Или ќе ви биде жал што не сте му оставиле доволно време да ужива во вашето целосно внимание.

Кога имате деца помеѓу кои разликата во години е мала, може да ви се случи да се фатите себеси како непрестајно ги споредувате – кое прво почнало да оди, почнало да зборува, почнало да користи нокшир…

Што можете да направите?

Немојте премногу да обрнувате внимание на домашните обврски, или побарајте помош за да имате доволно енергија да се занимавате со децата. Кога е во прашање едногодишно дете, не можете да бидете сосема сигурни дали за него сте одвоиле доволно време. Затоа потрудете се да му посветувате што повеќе внимание. Со своите постапки дајте му до знаење дека има специјално место во вашиот живот така што ќе поминете одредено време само со него. Избегнувајте споредувања бидејќи така можете да предизвикате несигурност кај детето.

Две до три години

Истражувањата покажале дека најголемото ривалство помеѓу децата постои кога помеѓу нив има разлика од две години. На таа возраст детето се наоѓа на многу важна пресвртница во развојот. Само што почнало да се осамостојува и да формира свест за себе, кога одеднаш се појавува нова фигура – која се „заканува“ дека ќе ја украде неговата позиција и сето внимание што му припаѓало само нему. Тоа може сериозно да ја потресе неговата самодоверба.

Може да се случи и двегодишно дете да почне регресивно да се однесува кога помладиот брат или сестра ќе дојде на свет. Во тој случај ќе бара кон него да се однесувате како кон бебе, на пример, да носи пелени или да пие од шишенце иако одамна почнало да употребува чаша. Меѓутоа, две до три години е доволно мала разлика за вашите деца да станат совршен пар за игра и дружење до крајот на животот. Доаѓањето на новото бебе на свет за првото дете може да претставува новина која ќе го стимулира неговиот развој. Впрочем, по две и пол години детето е доволно големо да може по малку и да помага околу бебето – да донесе пелена или да прави гримаси и да го забавува малиот брат или сестра.

Што можете да направите?

Охрабрете го постарото дете да помага околу бебето за да не се чувствува запоставено. Доколку е незаинтересирано, немојте да го терате, можеби му е потребно малку време. Немојте да организирате големи „случувања“ поврзани за доаѓањето на новото бебе. Тоа би можело да му предизвика дополнително нарушување во „микрокосмосот“ на малото дете. Одложете го и уписот во градинка за неколку месеци.

Охрабрувајте го детето наместо да го опоменувате. Доколку е погодено со раѓањето на бебето, потрудете се никогаш да не му кажете: „Немој тоа да му го правиш на бебето!“ туку: „Бебето сака кога нежно го галиш по главата“. Или: „Ајде да бидеме тивки како глувчиња за бебето да не се разбуди“.

Угодете му на регресивното однесување на детето. Дозволете му да пие од шишенце или да носи пелена доколку инсистира. Никако немојте да му кажете: „Престани да се однесуваш како бебе!“ Наместо тоа, пофалете го кога се однесува како големо момче. Издвојте дел од времето во текот на денот кога ќе играте само со него. Одведете го во парк или читајте му приказни кога бебето спие…

Четири години и повеќе

Експертите велат дека на возраст од четири години доаѓањето на ново бебе на свет не претставува „закана“ за самодовербата на детето. Тоа ќе мора да се помири со фактот дека повеќе не е центар на родителското внимание, но на оваа возраст нема толку тешко да му падне тоа бидејќи стекнало сигурност кога се во прашање љубовта и неговото место во семејството. Всушност, може да се очекува дека ќе биде задоволно и гордо кога ќе добие брат или сестра.

Подолгиот временски период помеѓу две породувања ќе овозможи да закрепнете од непроспиените ноќи, така што новото бебе ќе можете да го одгледувате со многу повеќе енергија. Но, помали се шансите дека вашите деца ќе бидат поблиски. Постои генерациска разлика помеѓу бебето и детето кое е старо четири години или повеќе. Постарото дете ќе ја има улогата на постар брат или сестра, а помалку улогата на другар за игра. Ќе имаат различни пријатели, ќе играат со различни играчки и ќе сакаат сосема различни работи.

Што можете да направите?

Немојте од своето постаро дете да очекувате премногу кога е во прашање чувањето на бебето. Имајте на ум дека и тоа е уште дете. Тоа може да биде од голема помош, но и нему му се потребни многу љубов и галење. Обидувајте се да го наградите така што ќе му посветите посебно внимание, поминувајќи дел од времето само со него. Мал џепарлак и дозвола барем малку подоцна да оди на спиење – ќе направат да се чувствува специјално и возрасно.

Кога е најдобро време за второ дете?

Истражувањата покажуваат дека разликата помеѓу 15 и 25 месеци е идеална. Тоа е време кое е доволно за вашето тело да заздрави од породувањето, а ја намалува и можноста бебето да се роди предвреме или со помала телесна тежина. На крајот, сè се сведува на заклучокот дека е невозможно со сигурност да се предвиди како разликата во годините ќе влијае врз вашите деца. Во голема мера тоа зависи од нивната личност. Затоа немојте да размислувате премногу за сето тоа, туку постапувајте на начин на кој најмногу ви одговара.

Како да му помогнете на постарото дете да прифати новост?

– Кажете му, колку што е можно порано, дека ќе добие брат или сестра – за да му дадете време да се навикне.
– Покажете му слики на кои е прикажано како се развива фетусот, дајте му да почувствува како се мрда бебето (нека го допре вашиот стомак).
– Доколку детето е доволно големо, објаснете му што се случува во вашиот стомак – дека бебето расте и дека ќе излезе надвор кога ќе биде подготвено.
– Читајте му приказни за браќа, сестри и нови бебиња.
– Дајте му до знаење дека новото бебе ќе биде и негово бебе.
– Дозволете му да избира играчки и гардероба за бебето и ангажирајте го да ви помага во уредувањето на собата на бебето.
– Покажете му слики од периодот кога и тоа било бебе.
– Доколку имате можност, одведете го кај пријатели што имаат бебе за да се навикне на неговото присуство.
– Воспоставете „ден на таткото“ кога детето ќе поминува време само со таткото. Тоа ќе овозможи времето што ќе го помине со таткото, додека сте вие во болница или сте зафатени околу бебето, да не го доживее како нешто „непријатно“.

Запознавање со бебето

– Почнете бебето да го нарекувате по име колку што е можно побрзо за постарото дете да може да го доживее што пореално.
– Купувајте подароци кои подоцна детето ќе може да ги „разменува“ со бебето.
– Организирајте го роденденот на бебето со торта и свеќи, а дозволете постарото дете да биде „главно“.
– Потрудете се на постарото дете да му посветат доволно внимание и роднините и пријателите кога ќе дојдат да го видат и бебето.
– Купете кукла за која ќе може да се „грижи“ додека вие се грижите за бебето.
– Додека ги милувате малите рачиња на бебето, кажете му на постарото дете: „Кога беше бебе, и ти имаше вакви мали, слатки рачиња!“



912

X