Магичните приказни не престануваат да ни го бојат светот што го создаваме. Читајќи ги редовите со шарени бои, ви ја претставуваме прекрасната сликовница од шпанската авторка Росио Бониља. Книгата се вика „Која е бојата на бакнежот?“ и е прекрасно уметничко дело, патување низ боите со кое едицијата „Магични приказни“ добива свој визуелно богат и едукативен член. Минимони ги сака сите бои, но некои ѝ се помалку омилени од другите. Љубопитно прашува – Која ли е бојата на бакнежот?
Росио Бониља е шпанска авторка и илустраторка на книги за деца. Родена е во Барселона, каде и работела во различни области, од маркетинг до педагогија. Фасцинирана од детската фантазија, се откажува од маркетиншката работа и ја создава компанијата „Си беше еднаш“, чија дејност вклучува украсување детски простори со рачно насликани мурали.
Оваа книга е дел од едицијата „Магични приказни“ поддржана од проектот „Креативна Европа“, од Програмата за култура на Европската Унија.