Игротека

Адресата на Дедо Мраз

Феноменот „Дедо Мраз“ е еден од ретките што опстојува со векови низ целиот свет. И уште повеќе, од година на година овој феномен, односно неговиот главен јунак, добродушниот белобрадест Дедо Мраз, станува сè попопуларен и поприфатен дури и во најоддалечените делови од светот.

Постојат многу приказни и легенди за тоа кој е и од каде доаѓа Дедо Мраз. Секоја нордиска земја тврди дека татковината на Дедо Мраз е на нејзина територија: Норвежаните се убедени дека Дедо Мраз „живее“ во местото Дробак. Во Данска се зборува дека Дедо Мраз живее на Гренланд (во близина на островот Унамак). Во Русија официјалниот дом на Дедо Мраз е во местото Велики Устјуг. Канадската пошта, пак, тврди дека адресата на Дедо Мраз се наоѓа на територија од нејзина надлежност, со куќа чиј поштенски код е -{HOH OHO}-.

Американците отидоа најдалеку, па на еден град на Алјаска му дале официјално име Норт Пол со што го потврдија „познатиот“ факт дека Дедо Мраз живее на Северниот Пол. Така и овој град стана туристичка атракција позната како „Куќата на Дедо Мраз“. Поштата на САД го користи поштенскиот број (ЗИП код) 99705 за овој град, како промотивен поштенски број за Дедо Мраз.

Меѓутоа, глобално најприфатена е теоријата дека тој живее во Лапонија, покраина на северот од Финска.
Финците сметаат дека е заблуда тврдењето дека Дедо Мраз живее на Северниот Пол бидејќи сите знаеме дека горе, на „нултата точка“ никој не живее… Точно е дека живее „во близина на Северниот Пол“. Помалку или повеќе, на околу 2.000 километри оттаму , во Лапонија.
Станува збор за добропознатото Село на Дедо Мраз (забавен парк) во близина на градот Рованиеми, главниот град на провинцијата Лапонија.
Селото е сместено на самата поларна граница (на работ од Арктичкиот круг), а Финците го нарекуваат „Вратата на Лапонија“.

Благодарение на својата позиција на поларната граница, селото има многу необични климатски услови и атмосфера која речиси е нестварна. Таму сонцето назима не излегува барем еден ден, а налето не заоѓа барем еден ден. Поларната ноќ таму трае речиси еден месец, од средината на декември до почетокот на јануари, додека сонцето не заоѓа од средината на јуни до почетокот на јули.

Благодарение на географската положба во близина на Северниот Пол, освен „белите ноќи“, таму минимум 200 дена во годината се случува мистичната „игра на светлината“, што всушност е феномен на спектарот на небесната светлина која трепери во снопови во зелени, сини, црвени и виолетови нијанси. Во дамнешните времиња се верувало, а денес постои легенда, дека оваа светлина ја создаваат лисиците кои со своите опашки удираат по снегот, создавајќи искри и одблесоци.

Освен светлината и атмосферата што се создава, Селото на Дедо Мраз е опкружено и со мистични густи шуми, замрзната река и прочуената планина Корватунтура, која со својот изглед потсетува на врв од глава со две огромни уши со чија помош, според легендата, Дедо Мраз може да ги чуе желбите на сите деца од целиот свет.
Овде, во пештерите на Лапонија, според легендите, длабоко под земја се наоѓаат и работилници каде што работат помошниците на Дедо Мраз – џуџиња и виленици кои во текот на целата година прават играчки кои Дедо Мраз ги дели за Божиќ и Нова година.

Освен ова, за Лапонија се карактеристични и големите стада ирваси и сибирските хаски. Во Селото и околината ирвасите и хаските ги влечат санките на Дедо Мраз, а посетителите уживаат во речиси нестварните настани.

Атракција е излетот до работ на Арктичкиот круг, односно преоѓањето на „поларната граница“ бидејќи како што велат, тогаш поминувате од крајот на светот на неговиот почеток.
Самото село на Дедо Мраз е феномен по себе. Изградено е во лапонски етностил според проектот на здружението на архитекти „Arrak Group“ со дрвени куќички, декорирани со илјадници светлечки лампиони, ѕвончиња и прапорци кои креираат празнична атмосфера.

Во селото се наоѓа и прочуената канцеларија на Дедо Мраз каде што секогаш можете да го побарате вистинскиот Дедо Мраз. Исто така, во селото има и пошта каде што стигнуваат илјадници писма од децата од целиот свет. Дедо Мраз во својата канцеларија одговара на овие писма и прима посетители, кои можат да му седнат во скутот и да му ги шепнат своите новогодишни желби.

 

Поврзани написи

To top