На трети септември првпат во училишна клупа ќе седнат околу 20.000 првачиња

Платен слободен ден од работа за поаѓање на детето во прво одделение ќе добијат административците. Им следува со општиот колективен договор. Дали ќе бидат ослободени од работа и како оние што работат во приватниот сектор зависи од нивните газди и шефови. На трети септември првпат во училишна клупа ќе седнат околу 20.000 првачиња.

Родителите на првачињата се збунети зашто, како што велат, секоја фирма има свое правило.
– Работам во приватна фирма и кај нас отсекогаш се знаело дека за прваче се добива платен ден. Уште пред една недела направивме списоци за работа за да може да си ги испратиме дечињата на школо, а да е организирана работата – вели Маја К. од Скопје.
За разлика од нејзиното искуство, Ивана М. не смее да праша на работа за слободен ден зашто го знае одговорот.

– Моето прваче ќе појде на училиште со баба и дедо. Минатата година колешка побара ден и не доби, со објаснување дека нема кој да работи место неа. Плус ѝ кажаа дека сме генерација на лигави мајки. На сопругот работата му е поврзана со патување, па ете ни јас ни тој нема да е со ќеркичката. Нека е жива, здрава и успешна во новото поглавје во животот, а ние ќе гледаме слики. Такви времиња се – вели Ивана.

Голем број родители се револтирани затоа што има различни аршини кога станува збор за првиот училиштен ден.

– Не е фер едни да добиваат слободен ден за прваче, а други не. Дали првачињата на административците се поважни од нашите првачиња? А што со тие што немаат кој да им го чува првачето бидејќи првиот ден на училиште се само еден час, дали да си ги понесат на работа со себе – прашува Весна М.

Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, работникот има право на платен одмор од еден ден за првиот училиштен ден на своето дете. Оттаму објаснуваат дека ова отсуство, како и сите други случаи на платен одмор заради лични и семејни околности, се остварува без оглед на барањата на процесот на работата.

Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, објаснуваат од Министерството, не содржи одредби со кои се предвидува слободен ден ниту за прв училиштен ден ниту за прв ден во градинка. Тоа, како што објаснуваат правниците, значи дека не е забрането да му се даде слободен ден на работникот во приватниот сектор, но може и да не добие. Во приватните фирми сè се сведува на договор помеѓу работникот и работодавецот. Тие може да се договорат за сè што не е забрането со закон.



912

X