Нови случаи од бебиња што страдаат од сериозен недостиг на хранливи материи ја потенцираат опасноста од домашно направената бебешка формула. Две новороденчиња биле примени на интензивна нега во болницата за деца „Немурс/Алфред 1“ во Вилмингтон, САД, во период од 5 дена во еден месец.

И двете биле хранети со домашна веганска формула за бебиња и страдале од хипокалцемија – односно нивото на калциум во крвта било премногу ниско, а кај децата се забележале и проблеми во кардиоваскуларниот и нервниот систем поради дефицит на хранливи материи, истакнале надлежните од болницата. Едно новороденче било отпуштено од болницата, но другото имало сериозни абнормалности во однос на електролитите и страдало од срцев удар, што довело и до оштетување на мозокот, вели Никол Фрагале, менаџер за клиничка исхрана во детскиот здравствен систем „Неморс“. Тоа бебе сè уште закрепнува во болница, но повеќе не е на интензивна нега.

Ваквите случаи се ретки, но да дојдат две новороденчиња во иста недела, навистина беше загрижувачко – вели Фрагале. Не е веганскиот дел од формулата тој што не е безбеден, туку аспектот дека формулата е подготвувана дома, додава таа.

– Се грижиме за информациите што семејствата ги добиваат и што други семејства можеби им додаваат на децата во овие формули, што може да биде навистина опасно. Не мислам дека ова се намерни акти на занемарување, но се работи за едноставен недостиг на знаење во врска со исхраната и она што е соодветно за новороденче – вели таа.

За неа е екстремно загрижувачко што на интернет се споделуваат рецепти за бебешки формули кои вклучуваат непастеризирано млеко, протеински прашок, витамини, минерали и суплементи наменети за возрасни. Потребите на бебето се многу специфични, па Американската академија на педијатри и Американската администрација за храна и лекови предупредуваат да не се користат домашно направени бебешки формули бидејќи може да содржат премногу или премалку од одредените витамини и минерали. Во случајот на двете хоспитализирани бебиња минатиот месец, во формулите недостигале калциумот и витаминот Д, информирала Фрагале.

Средно тешките форми на хипокалцемија се третираат со давање орални дози калциум и витамин Д на децата, но посериозните случаи бараат интравенозна замена, вели д-р Мег Фризола, шеф на педијатриската интензивна нега и шеф на педијатрија во „Неморс“. Калциумот е потребен за срцето и другите мускули да функционираат соодветно. Кога бебето страда од срцев удар, често е тешко да се знае сериозноста на невролошката повреда што се случила и како ќе закрепне детето.

Одгледување бебе-веган

Добро испланирана веганска диета може да биде здрава и соодветна за сите фази од животот, вклучително и за новороденчињата и децата, според Академијата за исхрана и диететика. Можете да одгледувате апсолутно здраво бебе со исхрана базирана на растенија, вели Фрагале. Таа препорачува да се започне со мајчино млеко, во кое има совршена комбинација на витамини, минерали и хранливи материи, како протеини, масти и јаглехидрати. За мајките вегани и нивните бебиња, нема морална контрадикција во доењето, сметаат од „Луѓе за етичко третирање на животните“. Соја-формулата е единствената опција за новороденчињата вегани кои не се доенчиња, сметаат од Американката академија на педијатри.

Родителите не треба да ја мешаат соја-формулата со соја-млекото, кое не ги обезбедува хранливите материи за раст и развој на бебето, предупредува Фрагале. Растителното млеко може да им се дава на деца кои имаат барем 1 година, додава таа. Кога се внесува цврстата храна во исхраната, родителите треба да се фокусираат на протеински извори, со цел детето да добие добра комбинација на житарици, зеленчук, јаткасти плодови и тофу, вели Фрагале.

Кога хранат вегетаријанец или дете-веган, родителите треба да обрнат внимание на внесот на витамините Б12 и Д, калциумот, железото, протеините и растителните влакна, советуваат од Академијата за исхрана и диететика. Мултивитамински внес, исто така, може да биде потребен.

– Би препорачала, ако семејството има мало дете кое следи веганска исхрана, да контактира со регистриран диететичар за да ја прегледа исхраната и да се осигури дека е добро склопена и ги содржи сите потребни витамини и минерали – советува Фрагале. Имало случаи на деца кои имале сериозни последици откако биле хранети со веганска исхрана несоодветна за нивните потреби.

Автор: А. Павловски

Извор



912

X