Децата имаат инстинктивна потреба да придонесат за функционирањето на семејството, да бидат самостојни и да покажат дека можат многу. Ако им ја дадете таа шанса, тоа ќе придонесе за нивните добри навики и за развивање на самодовербата.

Иако во одреден момент, кога родителите ќе се навикнат да прават многу работи место нив, се чини дека децата се мрзливи и незаинтересирани. Но тие не сакаат вие да ги правите работите за нив. Децата треба да се чувствуваат важни и да бидат свесни дека даваат значаен придонес во функционирањето на семејството.

Всушност, на децата им требаат два вида одговорности – грижа за себе и семеен придонес. Но, таквиот став и таквите навики не се развиваат преку ноќ.

Сè почнува од моментот кога ќе почнат да одат. Дајте му салфетки на двегодишното дете за да ги стави на масата, а тригодишното дете може да става садови во машината. На четири години може да облече чорапи, а на пет може да нахрани куче. Веќе шестгодишните деца се доволно големи за да ја расчистат масата, на седум години можат да ги наводнуваат растенијата и да бидат одговорни за тоа, а на осум веќе треба да си ги средуваат плакарите.

Но, што е со одлучувањето и одговорностите? На која возраст што да се дозволи?

Направивме релативно детална листа која ќе ви помогне да им дадете одговорности на децата колку што им дозволува нивната возраст. Вие, се разбира, ќе ги приспособите на детето и околностите во кои живеете.

И не заборавајте полека да ги зголемувате и слободата и одговорноста на вашето дете, помагајќи му само онолку колку што е потребно, додека не премине на „наредното ниво“.

Задачи и обврски за деца од 2 до 3 години

  • Дозволете им да бидат одговорни за своето тело, во рамките на нивната безбедност и пристојност.
  • Нека го исчистат нередот што го направиле. – Во ред е. Донесете сунѓерче и крпа и ќе го собереме млекото. Секогаш мораме да го исчистиме нередот што го правиме – кажете му ги овие реченици додека заедно средувате.
  • Тие сами нека одлучат што да облечат, а вие погрижете се тоа да биде во согласност со времето и пристојноста. Усогласувањето на боите и трендовите препуштете им го ним.
  • Колку да јадат – вие им давате ручек и одлучувате што има на менито, тие одлучуваат колку да јадат. Можеби ќе бидат само неколку залаци, па ќе побараат бонбони потоа. Ваше е да истраете и да не се откажете.
  • Нека јадат сами. Сосема сами, освен ако не побараат ваша помош или ако вие процените дека им е потребна.
  • Која книга ќе им ја прочитате, макар и 10. вечер по ред.
  • Со кои играчки ќе си играат.
  • Кои играчки ќе ги споделат со другите деца, а кои ќе ги тргнат пред да ги видат другите деца.
  • Кога одат во тоалет – можете да ги прашате: „Дали треба да мочкаш пред да излеземе?“ но тие сами треба да „проверуваат“ и да го слушаат своето тело, да ги препознаваат сигналите, освен ако не сакате да бидете задолжени за тоа во годините што доаѓаат.

    Задачи и обврски за деца од 3 до 5 години

    Сите горенаведени, плус:
  • Облека – сами ја избираат, во согласност со вашите упатства, и се грижат за неа така што ќе ја здиплат кога ќе ја соблечат.
  • Одлуките за нивната соба, во разумни граници – каква постелнина сакаат и, доколку изберете тапет, изборот треба да биде на детето, повторно според ваши упатства.
  • Колку ќе јаде.
  • Што да се јаде, но во рамките на она што се нуди. Ова има смисла ако на целото семејство му е ограничен пристапот до нездрава храна. Треба да имате и резервна опција за оброк, доколку подготвувате нешто што на детето баш и не му се допаѓа.
  • Со кого ќе си играат.
  • Дали ќе оди на родендени или други настани на кои е покането, освен на задолжителните семејни дружења.

    Задачи и обврски за деца од 6 до 9 години


    Сите горенаведени, плус:
  • Каква фризура ќе има, притоа почитувајќи некои општествени норми (на пример, нема да се фарба во зелено, туку сама одлучува дали сака целосно кратка или малку подолга коса).
  • Да си ја крене чинијата по јадење.
  • Едноставни домашни работи (местење кревети, бришење прашина).
  • Како ќе го троши џепарлакот, секако во договор со вас.
  • Домашна работа.
  • Местење книги за училиште, задолжително претходната вечер.
  • Како ќе го поминува слободното време.
  • Дали ќе оди на часови по инструмент или не.
  • Кој спорт или друга физичка активност ќе тренира.
  • Подготовка на закуска, ако нешто е едноставно како колаче или пита од вчера.
  • Туширање, а од 8 години и миење заби.

    Задачи и обврски за деца од 10 до 12 години

    Сите горенаведени, плус:
  • Подготовка на сендвич или нешто друго за ужина.
  • Лична хигиена: миење коса, сечење нокти…
  • Самостојно одење на игралиште со другарите, нормално, родителот треба да знае каде е, а се почитуваат договорените граници на движење.
  • Останување дома без надзор, со договорени правила

    Задачи и обврски за деца од 13 до 15 години


    Сите горенаведени, плус:
  • Будење за на училиште.
  • Грижа за облеката.
  • Привремени промени во изгледот, согласно договорот во семејството.
  • Возење со градски автобус.
  • Одење во кино со пријателите.
  • Грижа за парите и планирање како да го троши џепарлакот.

    Имајте на ум дека е важно да го следите вашето дете и постојано да го зголемувате нивото на одговорност и на доверба што му ја нудите. Не заборавајте дека понекогаш ако нешто што вашето дете сака да го направи ви изгледа лудо – многу е подобро да се повлечете и да го дозволите тоа ако не е опасно, отколку тврдоглаво да се држите до принципите. Чувството на слобода и флексибилност е она што децата го посакуваат. Кога ќе видат дека ви веруваат, ќе имаат помала потреба да ви пркосат.

    Извор


912

X