Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог, психотерапевт

Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог, психотерапевт

е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психотерапија и Советување Тест

Повеќе од авторот

Во дефектологијата важи принципот колку порано – толку подобро за кој било проблем што ќе се појави кај детето

Доаѓањето на бебето во семејството е најважен момент во животот на родителите, извор на голема радост и формирање на нови чувства. Во бременоста сите родители посакуваат, сонуваат и размислуваат за тоа како нивното бебе ќе биде здраво и убаво. Се прават планови, подготовки за пречек на новиот член во семејството, се добива една нова семејна динамика. Од друга страна, пак, окупирани со најразлични мисли дали со бебето сè ќе биде во ред, како ќе се одвива чинот на раѓање и како ќе се снајдат во тој нов почеток во нивниот живот, родителите се соочуваат со многу возбудлив, но исто така и многу напорен и застрашувачки период. Да се донесе на свет дете без знаење за тоа како ќе се менуваат работите од ден на ден е стресно и непредвидливо, но сепак многу вредно.

Секој родител сака да му се роди здраво дете. Ниту еден родител не сака детето да се соочува со дополнителни предизвици и тешкотии, како што попреченоста може да се постави во животот. Денес постојат најразлични генетички испитувања, тестови и скрининзи за да се утврди дали бебето пред раѓање се развива добро и како тече неговиот развој. Живееме во неверојатно технолошки развиено време каде што информациите се тука, пред нас, и сме опкружени со најразлична поддршка за сè што ни се случува во животот. Но, и покрај тоа, никогаш со сигурност не може да се тврди и да се знае дали кај некое дете ќе се појави некоја попреченост или проблем во развојот.

Со доаѓањето на свет на новороденчето, родителите се соочуваат со многу дилеми и стравови, на пр: дали на бебето му е топло или ладно, дали доволно јаде, зошто не спие, дали правилно ќе се развива, зошто плаче, дали навреме ќе проговори, дали сè ќе биде во ред… период полн со многу брзи промени. Но, секое бебе е единствено и се развива со свое сопствено темпо, што значи дека назначените временски рамки не треба баш толку цврсто да се следат бидејќи постојат големи варијации за тоа кога некое бебе ќе прооди или ќе почне да зборува, кога ќе почнат да растат забите…

Најголем број оштетувања се јавуваат до петтата година од животот. Поради тоа, потребно е што порано да се открие и отпочне со навремена рехабилитација бидејќи на тој начин секундарните манифестации на попреченоста нема да се претворат во доминантни

Понекогаш родителите се збунети бидејќи некои деца лазат пред да проодат, некои не, или пак некои ги почнуваат своите први чекори на 8 месеци, а некои проодуваат дури околу 15. месец. Многу почнуваат да користат зборови околу својот прв роденден, но некои почнуваат да зборуваат многу подоцна. Овие примери покажуваат колкава може да биде варијацијата во детскиот развој, како што е и нормално децата во некои области да се понапредни, а во некои да се поназад. Нешто што е највозбудливо и најубаво кога си родител е да се гледа и следи развојот на детето, особено во првите месеци, бидејки секој нов ден носи нови нешта и нови вештини.

Здраво навремено родено дете доаѓа на свет со сет на рефлекси и сензорни способности кои го доведуваат во контакт со светот. Детето има способност да одговори на звук, да го насочува погледот на некои интересни визуелни стимуланси, како што е лицето, контакт со очите, за визуелно да следи и да ги изразува своите потреби преку плачење и да биде смирено од страна на оној што го храни и го држи.
Новороденчињата имаат мали повторувања во однесувањето, како гледање, цицање, вртење на очите и главата, мавтање со рацете, нозете, плачење. Во овој период можат да се идентификуваат повеќе отстапувања во развојот, како здравствените проблеми, движењето, гледањето и слушањето. Посериозни попречености се идентификуваат при самото раѓање или во текот на првата година од животот.

Детскиот развој се одвива во неколку различни области:

Груба моторика: Ова се движења со големите мускули на телото и вклучуваат седење, стоење, одење, трчање, одржување рамнотежа и менување на положбата.

Фина моторика: Способност да се користи мала група на мускули, моторни вештини каде што се користат малите мускули во рацете и прстите. Користење раце за јадење, цртање, облекување, играње и пишување – развој со текот на времето. Тие, исто така, вклучуваат и координација на рацете.

Јазик: Говорејќи, користејќи го јазикот на телото и гестовите, и разбирањето на она што го велат другите.

Когнитивен: Размислување, вештини – учење, разбирање, решавање проблеми, расудување и сеќавање.

Социјален: Поврзување и поврзување со други, соработка и реагирање на чувствата на другите.

Треба да се побара помош од дефектолог доколку се забележат одредени знаци.

Ако бебето до 2 месеца:
*Не ги гледа работите кога се движат
*Не им се смее на познатите
*Не ги става рацете в уста
*Не може да ја држи главата или се подига кога е на стомак

До 4 месеци
*Не може да ја држи главата стабилно
*Не гука или испушта звуци
*Не ги принесува работите во устата
*Не се потпира со нозете кога стои или е потпрено на тврда подлога
*Има проблем во движењето на едното око или двете во сите правци

До 6 месеци
*Не се труди да ги дофати работите што се околу него
*Не покажува никаква приврзаност за родителите и најблиските
*Не одговара на звуците околу него
*Има тешкотија да ги стави предметите в уста
*Не се превртува
*Не се смее или прави извици
*Се чини пасивно со згрчени мускули
*Се чини омлитавено

До 10 месеци
*Не седи со помош
*Не изговара (мама, дада, баба)
*Не одговара на своето име
*Не препознава познати лица
*Не ги пренесува играчките од една во друга рака

Поради најразлични причини, многу новороденчиња спаѓаат во групата на деца родени со ризик-фактор, кај кои навидум е сè во ред, но се предвидува поголема можност за појавување развојни проблеми повеќе отколку кај останатите деца. Некои од причините се: наследни фактори, породилни трауми, заболувања кај мајката, рана психотраума… и многу други. Овие фактори потенцијално го загрозуваат детето во психосоматскиот, моторниот, сензорниот, говорниот и ментален развој.
Децата со ризик-фактор бараат посебна нега, следење и заштита, а исто така им е потребно постојано потикнување на развојот, а многу често и долготрајна и системска рехабилитација.
Најголема улога во раното откривање на некои отстапувања во развојот кај детето се набљудувањата и опсервацијата на родителите, поширокото семејство, педијатарот, кој понатаму ќе ги постави базичните темели на дијагностицирањето на некои отстапување во развојот.. како нарушување на слухот, видот, моториката…

Низ мултидисциплинарен пристап на проблемите, раното откривање и раното започнување на соодветен третман е многу важно за детето, за добивање стручна помош од лекар, дефектолог, психијатар, психолог итн.
Во дефектологијата важи принципот колку порано, толку подобро и е од голема важност благовремената и квалитетна детекција на кој било проблем што ќе се појави кај детето. Многу е важно и потребно родителите да се едуцираат за отстапувањата што можат да се јават кај детето во најраната возраст, за да можат навремено да се јават и да поразговараат за она што се случува со нивното дете.
Раната интервенција претставува процес на информирање, советување, едукација и поддршка на децата од најрана возраст и нивните родители кај кои е утврдена состојба на можно отстапување во развојот. Додека детекцијата на деца со посебни потреби претставува основна алка во синџирот на рехабилитација.

Најголем број оштетувања се јавуваат до петтата година од животот. Поради тоа, потребно е што порано да се открие и отпочне со навремена рехабилитација бидејќи на тој начин секундарните манифестации на попреченоста нема да се претворат во доминантни, кои понатаму би го отежнале и самиот процес на рехабилитација.

Дефектологот во првата година од животот на детето ја насочува мајката како да ги примени игрите за рано усвојување на нови обрасци. Тие игри најчесто се игри на радост и задоволство и подразбираат, ширење, растегнување, стискање, игри на фаќање, игри на фрлање, собирање, довлекување, одвлекување, растегнување.
Сите овие игри мајката ги организира во присуство и под контрола на дефектологот.
Раниот третман, доколку почне рано во текот на првата година и доколку се работи организирано до третата или четвртата година, ќе го оспособи детето за предучилишната обука што го спрема детето за училиште.

Сите деца имаат потреба да бидат сакани и згрижени, да се чувствуваат добро во врска со себе, да ги развиваат своите потенцијали целосно и да станат независни. На децата со посебни потреби ќе им биде потребна малку поинаква структура и распоред во опкружувањето, малку повеќе поддршка и мотивација. Како на децата, така и на нивните родители им е потребна поголема поддршка, охрабрување, бидејќи тие можат да бидат повеќе фрустрирани, под стрес и поанксиозни од другите родители.



912

X