Не им е секогаш лесно на родителите да проценат кога проблемот на детето е безопасен, а кога е потребна медицинска помош. Особено кога станува збор за интимниот регион на детето, не е лесно да се процени како стојат работите, но овој мал водич ќе ви помогне да откриете кога е време да го однесете вашето дете на уролог. Можеби ќе ве изненади, но урологот всушност не е лекар само за момчиња, иако девојките се поретко пациенти на овие специјалисти. Работата е што уролозите не се одговорни само за здравјето на гениталиите, туку понекогаш лекуваат проблеми поврзани со бубрезите, кила и слично.

-Како специјалисти, ние сме обучени да ја гледаме пошироката слика. Многу уролошки проблеми, како што е уринарната инконтиненција, се само дел од приказната. Ние помагаме да се идентификуваат и третираат сите основни медицински проблеми, како и други фактори што придонесуваат – вели педијатрискиот уролог д-р Џесика Хеник.

Еве зошто родителите најчесто ги носат децата на уролог, вели д-р Хеник:

Мокрење во кревет и проблеми со мочниот меур

Тренингот за користење нокшир не е секогаш лесен, а кога детето се соочува со тешкотии во процесот, како можат родителите да знаат дали причината е медицински проблем или на малечкото едноставно му треба повеќе време?

-Секое дете е различно, но општо правило е дека ако детето не може да остане суво навечер до шестата година, треба да се консултирате со педијатриски уролог – вели докторката.

Исто така, нејзиниот совет е да побарате лекарска помош ако вашето дете одеднаш почне повторно да ги мокри панталоните, било во текот на денот или навечер, доколку претходно било навикнато на нокширот.

Постојат многу причини за мокрење во кревет или уринарна инконтиненција, вели д-р Хеник, истакнувајќи дека причината може да биде стресот од голема промена во животот, како што се преселување, нов член во семејството, па дури и неодамнешна или повторлива инфекција на уринарниот тракт.

-Можеби нема проблем, но подобро е да се исклучи сериозна дијагноза – забележува таа.

Уринарни инфекции

Инфекциите на уринарниот тракт кои можат да се појават кај бебиња и деца од двата пола генерално може да ги лекуваат педијатри, но доколку се повторат инфекции на уринарниот тракт, тогаш детето треба да го прегледа педијатриски уролог.

-Повторливи инфекции на уринарниот тракт може да бидат знак дека нешто се случува. На пример, детето може да има анатомска аномалија која придонесува за чести инфекции. Исто така, децата со чести инфекции на уринарниот тракт имаат некое необично однесување поврзано со мокрење или уринарна дисфункција – објаснува д-р Хеник.

Понекогаш децата не можат свесно да ја контролираат уринарната дисфункција, но секако е многу важно да се утврди што точно е проблемот и да се работи на негово решавање, бидејќи оваа состојба може да биде многу фрустрирачка и за родителите и за децата.

Вродени проблеми

Педијатрискиот уролог може да помогне и при различни вродени проблеми во органите, како што се бубрезите, мочниот меур и репродуктивните органи, како и гениталиите.

Некои други состојби што ги третираат педијатриските уролози:

-Мокрење во кревет и дисфункција на мочниот меур
-Абнормалности на бубрезите, уретрата или мочниот меур
-Генитални аномалии
-Хернија, хидроцела (водена хернија)
-Камен во бубрези
-Уринарни инфекции
-Крв во урината
-Аномалии на уринарниот тракт дијагностицирани пренатално.

Извор



912

X