Добрите хигиенски навики треба да се градат од самите почетоци. Миењето заби е една од нив. Забите треба да се чистат уште пред првата година од животот. На доенчињата треба секоја вечер да им се бришат непцата со влажна крпа.

Околу 11-тиот месец забите може нежно да се мијат со мека четка за заби, а исто така е добро да го оставите детето да си игра со четката. Околу првиот роденден треба да се почне со миење на забите со детска четка за заби, но без паста. Така можете да продолжите и во текот на втората година за децата да се навикнат на четката, што всушност е почеток на стекнување навика за миење заби.

На детето треба да му се дозволи да се забавува и да се обидува да раководи со четката за заби, а родителите се тие кои со пример и со охрабрување треба да го поддржат детето во усвојувањето правилни орални хигиенски навики.

Од навршени 18 месеци, забите на детето може да се мијат со четка и малку паста. Миењето треба да трае две минути, но дефинитивно не присилувајте го детето да го направи тоа ако не сака. На двегодишна возраст, детето може самостојно да ги мие забите со помош на родителите. Најдобро е да започнете пред огледалото покажувајќи му ги правилните движења на рацете и како да ги мие забите.

Стоматолозите препорачуваат дека е најдобро да се почне со користење паста кога детето ќе научи да ја плука самостојно, што е околу двегодишна возраст. Најдобра заштита од кариес обезбедуваат пастите со флуор, а при четкање на забите доволни се многу мали количини паста, приближно со големина на зрно грашок.

Кога детето ќе наполни три години, може самостојно да ги мие забите со надзор. Многу е важно детето да се навикне редовно да ги мие забите, особено навечер и да си легнува со чисти заби.

Научете ги децата како правилно да си ги мијат забите

Миењето заби на вашето дете не е научна фантастика, но понекогаш може да биде предизвик и за родителите и за детето кое треба да почне да се навикнува на тоа ново чувство и да стекнува рутина.

Исто така, мијте ги забите секој ден во присуство на детето за да види дека тоа е нешто што е нормално, па со текот на времето ќе добие желба да ве имитира и да доживее нешто ново.

Четкајте ги забите двапати на ден

Не очекувајте темелно четкање од првото миење на забите, туку навикнување на детето на тоа туѓо чувство. Изберете четка со меки влакна и на неа ставете многу мала количина паста за заби. Со текот на времето, детето ќе научи да ја плука пастата без да голта, а кога ќе научи да го прави тоа, можете постепено да ја зголемувате количината на паста. Премногу проголтана паста може да предизвика мало гадење или дури и појава на дамки на забите.

Започнете да ги четкате забите така што ќе поминете преку забите со лесен потег. Ако е можно, повторете го потегот неколку пати на секоја страна. Мијте ги забите на вашето дете двапати на ден – наутро пред појадок и навечер пред спиење.

Претворете го четкањето на забите во игра

Детето веројатно ќе сака да ја проучува четката за заби и само да се обиде да ги четка, што секако треба да му го дозволите, но потоа повторно ја земате четката. Секое сценарио е можно, а сѐ зависи од детето. Можеби воопшто нема да сака да ја отвори устата. За жал, не постои универзална препорака како да се постапи ако детето не сака да ги мие забите. Може да помогне игра во која кадифените играчки, родителите, бабите и дедовците, постарите браќа и сестри си ги мијат забите.

Извор



912

X