Родителите често им велат „не“ на своите деца. Често станува збор за рефлекс, односно инстинкт. Но зборот „не“ кај децата нема долготрајно влијание.
Според психологот Лора Маркам, авторка на книгата „Мирен родител, среќни деца“ и основач на веб-страницата „Aha!Parenting“, кога на децата им велите „не“, ги терате да размислуваат во дадени рамки.
– Тогаш децата се исклучуваат и чувствуваат дека нивната иницијатива се задушува – вели таа.
– Како родител, се обидувам да му кажувам „да“ на мојот син што е можно повеќе. Дури и тогаш кога треба да кажам не, се обидувам некако да го охрабрам. Но, кажувањето „не“ истовремено е многу важно – објаснува Маркам и додава дека на децата треба да им се постават граници за да се развиваат емоционално, физички и психички.
– Ако никогаш не им кажете „не“ на вашите деца, тоа ќе ги уназади кога станува збор за справувањето со реалниот свет. Сепак, Маркам издвојува неколку ситуации во кои родителите треба да им кажат „не“ на своите деца.
Кога се на паркинг или во сообраќај – децата се премногу ниски за да ги видат возачите. Лесно може да настрадаат.
– Тука нема место за шега. Мора да му кажете на детето дека треба да ве држи за рака кога сте на паркинг или кога ја преминувате улицата и не постои дискусија за тоа. Кога им давате упатства, треба да бидете транспарентни, но и сочувствителни – вели Маркам.
– Не смееш да трчаш на паркингот. Мора постојано да си со мене. Можеш да умреш. Така мора да ѝ пристапите на ситуацијата – додава таа.
Кога вашето дете му нанесува болка некому – децата од предучилишна возраст не разбираат дека им нанесуваат болка на мачките и кучињата, но ако се на возраст кога добро разбираат, тогаш треба јасно да им се каже дека таквото однесување не е прифатливо. Маркам вели дека родителите треба да ги научат своите деца да сочувствуваат со оние што страдаат од болка и да им кажат да бидат љубезни кон сите.
Кога сведочат или учествуваат во малтретирање и злоупотреба – ако некој се однесува лошо со друго дете, дури и ако таа личност е пријател на вашето дете и малтретира некој што ти не го сакаш, не треба да бидеш соучесник – овие зборови треба секогаш да им ги кажувате на децата.
Кога вашето дете уништува нечии работи – не може да влезе во собата на братот/сестрата и да скрши нешто негово/нејзино само затоа што е лут. Треба да се почитуваат туѓите работи – објаснува Маркам.

Кога вашето дете се соблекува на јавно место – во нашето општество е непристојно да се биде гол во јавност откако една личност ќе наполни четири години, вели Маркам додавајќи дека кон тоа треба да се придржуваат и родителите и децата.
Кога вашето дете се однесува несоодветно во ресторан – ако вашите деца не можат да ги следат правилата на ресторанот каде што одите, тогаш не носете ги со вас, вели Маркам и додава дека децата ќе им пречат на келнерите. Другите посетители на ресторанот заслужуваат да јадат на мир, па родителите треба да им објаснат на децата како треба да се однесуваат.
Кога патуваат со авион – авиокомпаниите имаат посебни правила за однесување во своите авиони и децата треба да ги почитуваат. Станува збор за заеднички простор каде што престојуваат повеќе луѓе, објаснува Маркам.
Кога ги учите за комуникацијата со непознати луѓе – како возрасни, постојано разговараме со непознати луѓе, па Маркам советува дека е препорачливо да им објасните на децата дека има и добронамерни непознати. Сепак, на децата треба да им се каже дека во никој случај не смеат да одат некаде со личност што не ја познаваат и со возрасен човек со кого не сакаат да одат никаде.
Кога вашето дете планира активност со другарче – во семејството на Маркам постои правило – не е дозволено да го поништите договорот ако добиете подобра понуда.
– Мора да се грижите за другата личност – вели докторката.
– Ако се договорите нешто со еден пријател, а друг пријател ве покани на сладолед, ќе мора да го одбиете или во активноста да го вклучите пријателот со кој прво сте се договориле – вели таа.