Ви пренесуваме неколку вежби што ќе му помогнат на вашето бебе полесно да го совлада својот прв моторички предизвик.
До околу четвртата недела од животот бебето би требало да почне да се обидува да ја држи главата самостојно. Додуша, бебето сè уште има малку сила во вратните мускули; главата ќе му паѓа ако нема потпора. Ако лежи на стомак, може да ја подигне брадата само на неколку секунди.
Д-р Миријам Стопард, англиска лекарка и експерт за одгледување деца, во својата книга „Развој на вашето дете“ објаснува како родителот може да му помогне на детето во тие први вештини на моториката. Таа предлага вежби со играчки.
– Легнете го бебето на стомак, поставете играчка во неговото видно поле и движете ја во различни насоки за да го поттикнете бебето да ги следи вашите движења и да ја поместува главата.
Во шестата недела бебето треба да може да го крене лицето за 45 степени во однос на подлогата додека лежи на стомак. Во оваа фаза можете да ставите шарен предмет пред бебето за, ако сака да го види, да мора да ја подигне главата.
На осум недели вашето бебе ќе може да ја држи главата во исправена положба или додека лежи на стомак, но немојте да очекувате чуда, па држете му го главчето.
Од 12 недели вашето бебе е подготвено да го совлада овој прв моторички предизвик. За дополнително да ги зајакнете мускулите на вратот и рамената, повремено играјте подигнувајќи го во седечка позиција додека лежи на грбот.