Драги првачиња,
Како и вие денес, така и светот во кој живееме некогаш бил прваче. Пред тоа да стане, се разбира, прво се родил. Кога бил бебе, ни тој како нас не знаел дека постои. Тогаш сè му било темно или матно пред очите. Често бил раздразлив и плачлив, и се смирувал кога времето ќе било мирно (кога било немирно, пак, имал грчеви во стомакот и затоа бил кенкав). Но, како и сите живи суштества, светот почнал да расте. Почнал да оди во градинка. Таму научил дека не е сам и дека постојат многу нешта за кои треба да се грижи, на пример, да не мисли само за себе и да споделува со другите: со рибите – водата, со птиците – небото, со растенијата – дождот, со животните – природата, со луѓето – Сонцето и Месечината (иако овие му се нему брат и сестра, но дотогаш малку себично сакал да си игра само со нив и да им го задржува целото внимание) итн. Во градинка станал дружељубив и почнал да размислува за сè што го опкружувало. Иако многу работи не му биле јасни, размислувајќи си оформувал слика за нештата околу себе. Развил гоооолема фантазија. Бил многу љубопитен, но и претпазлив.
Добро, на почеток и не толку претпазлив зашто растејќи, ќе се подзанесел во играта и ќе направел некоја голема беља, како кога ги истерал диносаурусите во неврат. Е, сега, дошло време да тргне во училиште, во прво одделение. Во градинка, како што рековме, научил да се дружи и да споделува, но сè уште на ја знаел азбуката, не знаел да брои, немал поим што е тоа природа, ни општество. Ама важно е дека во него имало огромна желба да учи. Денес светот е полн со приказни од своето растење, од своето образование и од искуствата од својот толку долг живот што не можеме до толку да броиме (зашто би ни требале најмалку два животи за да доброиме).
Денес, драги првачиња, вие чекорите по стапките на светот. Ако ви се видат неговите стапки преголеми, не плашете се – па и тој некогаш бил прваче, а видете до каде стигна! Тој ви порачува да бидете безгрижни, да учите на училиште, но и на улица, играјќи си со другарчињата. Знаењето е секаде околу вас, а најмногу знае тој што размислува и што прашува. За да знаете за 5 плус, пак, читајте книги. Книгите се многу мудри и другари какви што секој може само да посака – тие молат за вашето друштво.
Идната среда ќе ви позборувам за приказните на нашиот свет како прваче и млад човек. За какви неверојатни приказни станува збор, ќе се уверите и самите.
Ви посакувам секое утро со песна да одите на училиште.
Бидете ми радосни и полетни, ви се случува нешто прекрасно, за што и вие еден ден ќе му раскажувате на светот.
912