Бројките покажуваат дека бебиња најмногу се прават околу празници, по или за време на одмори

Во топлите месеци ни се родиле најмногу бебиња во последните години. Така, ако лани најсреќен месец бил јули, во 2016 година тоа бил септември, а една година претходно – август. Тоа значи дека лани најмногу жени забремениле околу септември, преклани околу декември, а во 2015 година исто така. Со оваа статистика и не се разликуваме многу од светот. Бројките покажуваат дека бебињата најмногу се прават околу празници, по или за време на одмори.

Топлите месеци најповолни и за брак

– Лани најмногу деца ни се родиле во јули – 1.953. По овој месец следуваат јуни со 1.909, август со 1.895, мај со 1.846, октомври со 1.828, март со 1.816, јануари со 1.780, ноември со 1.774, септември со 1.765, април со 1.749, декември со 1.726 и февруари со 1.713. Или вкупно сме имале 21.754 живородени деца – вели Дончо Герасимовски, демограф и поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Најмногу живородени деца, пак, во 2015 година, објаснува тој, имало во септември, па следуваат август, јули, октомври, јануари, јуни… Во 2016 година најмногу деца се родиле исто така во септември, па во јануари, август, мај, септември…
– При вакви анализи добро е да се согледа и во кој месец колку склучени бракови има. Накратко, тоа и во трите години е во периодот од мај до октомври – вели Герасимовски.

Лани, според возраста на мајката, 34,7 % од мајките биле на возраст од 25 до 29 години. Генерациска година на мајката која се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1988 година.

26 септември – најчест роденден

Д-р Викторија Јовановска, директорка на Клиника за гинекологија и акушерство, најголемото родилиште во државата, вели дека не истражувале во кој месец во установата се раѓаат најмногу бебиња, но дека сè некако им изгледа дека налето имаат најмногу работа.
– Не сме проверувале. Налето може да имаме повеќе работа зашто повеќе жени доаѓаат од други градови или, пак, зашто се одмори така ни изгледа. Но има логика и тогаш да се раѓаат најмногу бебиња. Периодот на останувањето бремени е врзан со релаксираноста, луѓето се дома, одморени – вели докторката.

Во светот бебиња најчесто се раѓаат во септември.
– Најпопуларниот месец на раѓање е резултат на празничните и на новогодишните одмори.
Празничните денови постојат за да ни го кренат расположението, но исто така влијаат и врз нашите емоции. Имено, за време на новогодишните и божиќните празници се зачнуваат најмногу бебиња – пишува „Хафингтон пост“.

Во светот најпопуларниот роденденски ден е 26 септември и сè уште се наоѓа на листата со топ-десет најпопуларни родендени последниве дваесет години. Според националната статистика на Велика Британија, најмногу родендени се слават на крајот од септември и на почетокот од октомври.

Наташа Бошковска-Златкова
Бисера Трајковска



912

X