Родителите почнуваат да ја губат контролата над своите деца на 13-годишна возраст, покажа ново истражување. Откако со години го следат секое нивно движење, родителите се прашуваат што јадат, што прават и со кого се дружат нивните деца кога ќе тргнат со средно училиште.

Четири од 10 родители се грижат за храната и пијалаците што нивното дете ги консумира кога не е со нив, а дури 39 отсто од родителите не знаат со кого се дружи нивното дете, што исто така придонесува да ја изгубат контролата. Еден од 10 родители верува дека периодот во кој почнува да губи контрола е околу десетгодишната возраст на детето.

Истражувањето спроведено во Велика Британија покажало дека нивните стравови се оправдани бидејќи речиси 40 отсто од родителите мислат дека нивните деца јадат многу повеќе слатки отколку што тие јаделе на нивната возраст. Повеќе од половина од родителите редовно разговараат за исхраната со своите деца и секој ден им објаснуваат колку е важно да јадат доволно овошје и зеленчук.

– Со оглед на зголемената достапност и избор на закуски на пазарот, не е изненадување што многу родители веруваат дека децата повеќе уживаат во брзата храна отколку кога родителите биле на истата возраст. Кога децата се многу мали, лесно е да се знае што точно прават во секој момент, со кого се, што јадат или пијат. Но, како што растат, почнуваат да го прават она што го сакаат, на свој начин и тешко е да се контролираат, особено кога станува збор за нивната исхрана – објаснуваат авторите на споменатата студија.

Студијата во која учествувале 2.000 родители на деца на возраст меѓу 13 и 18 години покажала дека дури шест од 10 од нив веруваат дека изгубиле контрола над своите деца затоа што стануваат понезависни.

Друго истражување спроведено од „OnePoll“ покажало дека околу 12 отсто од родителите не знаат како се храни нивното дете во текот на денот. Истата студија покажала и дека приближно четири од 10 родители веруваат дека нивното дете веќе пробало алкохол, додека всушност податоците откриле дека дури 44 отсто од тинејџерите признале дека веќе консумирале алкохолни пијалаци.

Извор



912

X