Кога станува збор за мобилните уреди и нивната прекумерна употреба, прво што ни паѓа на памет се децата кои хипнотизирано гледаат во екраните и игнорираат сè околу себе. Но што кога родителите се тие што го губат компасот и таа мала направа почнува да управува со нивните животи…
Поретко се зборува за возрасните и нивната опседнатост/зависност од мобилните телефони. Точно е дека ни станува незамисливо без нив да го поминеме денот. Живееме во време кога и фиксниот телефон дома е реткост, кога сè се случува онлајн. Паметните телефони ги заменија фотоапаратите, калкулаторите, будилниците, играчките и што уште не. Но истовремено станаа вистинска напаст. И тој факт воопшто не е наивен.

Едно од најчестите прашања на родителите

На работилниците родителите редовно ме прашуваат како на детето да му го ограничат користењето на мобилниот телефон или, пак, како да му го пренасочат вниманието кон некоја друга занимација. Советот, всушност, е многу едноставен. Кога сте дома, исклучете го Wi-Fi и тргнете му го мобилниот телефон од видното поле. Реакциите се нешто помеѓу страв, негодување и пласирање разни аргументи зашто сепак не можат да ги послушаат моите совети. Истражувањето што го спровеле Универзитетот во Илиноис и Медицинскиот факултет при Универзитетот во Мичиген на 200 семејства покажало дека дури 40% од мајките и 32% од татковците просто не можат да му одолеат на редовното проверување на мобилниот телефон.
Да се биде офлајн, стана неприфатливо. Секојдневното лајкување на разни објави на „Фејсбук“ или „Инстаграм“ е од животна важност. Токму како и моментното одговарање на голем број известувања, објави, пораки или повици, без разлика на тоа дали во тек е заеднички ручек со децата или играње со нив. Затоа што ако не го направат тоа, светот ќе запре.
А тогаш сите се чудат зошто децата се толку опседнати со телефоните. Па гледаат дека родителите не се одделуваат од нив!
Уште едно истражување што го спровела д-р Џени Радески од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Мичиген на 225 семејства покажало дека користењето мобилен телефон за време на ручекот доведува до намалување на вербалната комуникација помеѓу родителите и децата за 20%, намалување на невербалната комуникација за 39% и 28% намалување на мајчинското поттикнување на децата. Последиците од сето тоа се забележителни. Сè поголем број деца имаат проблеми со говорот.

На децата им треба вашето присуство

Последиците се јавуваат во односот помеѓу родителите и децата. Најмногу што сакаат децата е да се дружат со родителите. Но не како било. Тие сакаат родителите да им бидат посветени и да бидат заинтересирани за нивните активности. Кога мобилниот телефон постојано ѕвони, тоа не е возможно. Според првото истражување, дури 100 семејства дневно доживуваат барем три вознемирувања за време на игра, за време на ручек или разговор со детето, 24% истото го доживуваат двапати дневно, а 17% барем еднаш дневно. Можеби тоа не ви изгледа страшно, но ако се повторува секојдневно, со текот на времето ќе има негативни последици врз однесувањето на детето и врз односите во семејството.
Имено, за децата да добијат внимание, почнуваат да применуваат методи за кои се уверени дека ќе дадат плод – проблематично однесување. Наведеното истражување го потврдува тоа. Децата плачат, стануваат манипулативни, хиперактивни, имаат испади на бес и стануваат многу фрустрирани. А причината е едноставна. Таквото однесување резултира со целосно внимание од страна на родителите. На детето на кое му недостига внимание не му е важно какво внимание добива, туку му е важно да биде забележано, независно дали ќе биде со викање или со лутење.
Сето тоа може да се спречи и да се реши. Кога сте дома, одредете си посебно време за децата. Тоа може да трае колку сакате, но важно е да биде редовно и колку што е можно почесто. Тоа нека биде заедничка игра, тркалање по креветот, читање книги, цртање и сл., при што нема да користите никакви уреди. Најдете активност за која имате сила бидејќи не сме секогаш расположени за сè. Уживајте со децата во заедничките активности, дружете се уживајќи во времето поминато со нив затоа што брзо ќе пораснат и сè помалку ќе им треба вашето внимание.

Подобрете го квалитетот на животот

Ако сте меѓу оние родители што имаат постојана потреба да го проверуваат мобилниот телефон, без разлика на тоа за колку неважни работи станува збор, размислете како тоа влијае врз вас, колку ви одзема од драгоценото време и што се обидувате да компензирате на тој начин. Ако сте храбри, инсталирајте си апликација што ќе ви мери колку време поминувате на мобилниот телефон и ќе ви помогне да го ограничите тоа време. Одговорно трошете го своето време, не можете да знаете колку ви преостанало, нели? Со тоа ќе му дадете пример и на детето, и тоа да ги цени различните креативни активности, престојот во природа, разговорите и дружењето во живо, спортските активности, но и времето што го поминува во мир без никој да му пречи. Би можеле да се изненадите од зголемувањето на квалитетот на животот. Направете мали предизвици во животот и понекогаш заборавете го мобилниот телефон дома, чисто за да проверите дали Земјата ќе престане да се движи.

Автор: Ива Брчиќ



912

X