Секој родител е окупиран со темата за влијанието на модерните технологии и виртуелната комуникација врз децата и важно е да не ги затвора очите пред овие предизвици. Блогерката Андреа Андрасу во својата колумна за новите опасни игри пишува дека децата на прв поглед можат на родителите да им изгледаат како „солидни“, „стабилни“, насочени кон учење, математика и клавир, но всушност да имаат искуства и активности за кои родителите не знаат, а кои можат да бидат опасни. Децата и младите, со различни структури на личноста, потреби, тешкотии, имаат можност да најдат материјал и виртуелно популарни личности (инфлуенсери) со кои ќе се идентификуваат, кои ќе ги предизвикуваат, ќе ги насочат во определена насока, ќе направат еден балон на паралелна реалност во која детето само накратко може да биде популарно, спонтано, препознаено, славно, духовито, водач меѓу врсниците. Она што речиси е „лотарија“ кој пат ќе го избере детето, колку ќе биде критички настроено кон она што го слуша, колку некоја потреба, болка и повреда ќе надвладеат над чувството на индивидуална одговорност за активностите и последиците што можат да се случат. А што е можеби и најсилно, колку ќе можат да се спротивстават на притисокот од врсниците.

Живот на работ…
На децата и на младите, врсниците им се важен дел од животот, особено во пубертетот и адолесценцијата. Тогаш вообичаено е да ги искусуваат сопствените и границите на другите, да имаат „посилен“ глас, да се борат за своето мислење и имаат потреба да живеат на работ. Адолесцентите често имаат тешкотии во разбирањето на последиците од своето однесување во некоја долгорочна, сериозна смисла. Потребата за привлекување внимание, одобрувањето од врсниците и „виртуелната популарност“ денес често се исклучително опасни, како за нив самите така и за нивната околина. Новите игри, предизвици и таканаречени „пранкови“ не е можно да се следат од страна на родителите бидејќи каналите преку кои комуницираат децата и младите рапидно се менуваат.
Поради развојот на модерните технологии, а особено развојот на комуникациските канали со кои децата и младите секојдневно живеат, никогаш во историјата на човештвото немало толку голема потреба да се развиваат критичноста и чувството на одговорност на сите нивоа.

За да се вклучи „ламбичката“ пред детето да почне да ги следи упатствата од виртуелните идоли, на родителите можат да им помогнат овие совети:

* разговарајте со децата и континуирано градете заемен однос уште од најрана возраст;
* коментирајте ги со децата секојдневните активности и ситуации, прашајте ги за нивно мислење, дебатирајте со нив;
* барајте повремено да имате увид во нивните активности на социјалните мрежи;
* обрнете внимание на секојдневните активности што ги прави вашето дете во виртуелниот свет. Не е исто дали слуша музика, гледа филмови со животни или ги следи влијателните врсници од светот;
* замолете го да ви покаже за што зборуваат инфлуенсерите, што прават и зошто толку им се воодушевува вашето дете;
* коментирајте ги со детето постапките на инфлуенсерите, обидете се што повеќе да го слушате и да му дадете пример за реалните последици од таквото однесување, доколку се работи за опасно и непромислено однесување. Изразете јасна загриженост и несогласување со таквото однесување;
* разговарајте со детето за тоа што значи за него лајкувањето и што е подготвено да направи за да стекне виртуелна популарност.

Весна Каталиниќ, дипл. социјален работник

 



912

X