Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка која за еден месец ќе наполни 4 години. Прекрасна е и многу послушна и секогаш за сѐ прашува дали може или не може да го направи. Пред четири месеци се роди братчето и покажува многу љубов кон него. Имаше моменти кога правеше некои работи за внимание што претходно не ги правеше, но мислам дека тоа е поради бебето. Сега имаме проблем кога нешто не ѝ е дозволено, почнува силно да плаче, да вика и дури да се тресе, па сама себе се удира. Кога ќе ѝ се доближам да ја гушнам, ме турка сѐ додека сама не се смири.

Прочитав кај вас една реченица што ме поттикна да ви пишувам, ќе цитирам: „Мирните, послушни и помалку повлечени деца можеби се многу полесни за родителите, но ваквите нивни карактеристики, исто така, можат многу лесно да ги доведат во потенцијална опасност да бидат емотивно повредени или изманипулирани од другите понатаму во животот“. Е оваа реченица ме стави во мисла бидејќи кога некое дете ќе ја повреди, било со збор било физички, таа само се повлекува и почнува да плаче. Како да стане посилна и поборбена?

ОДГОВОР: Сосема ја разбирам вашата загриженост и се радувам за вашата отвореност и потреба за едукација со цел подобро воспитание. Она што го цитиравте, а сте го прочитале во некој од текстовите, е многу точно. Постојат типови темпераменти на деца кои се навидум многу лесни за воспитување баш поради нивната послушност и кроткост. Такви се интровертите, тие се насочени кон себе и најкарактеристичен одбранбен механизам кај нив е потиснување, каде што се има свесност за емоцијата, но отсуствува разбирањето за нејзината причина. Ваквите деца лесно се повлекуваат и изолираат, а пак плачењето е одраз на немоќ и отсуство на психолошка сила. Она што можете да го направите како родители на вакво дете е најпрвин да ја осознаете и прифатите неговата природа таква каква што е, која впрочем е и биолошки предодредена. Потоа да стимулирате максимална независност и самостојност, како и услови, начин и простор каде што детето ќе ги тестира своите способности и ќе ги јакне своите компетенции.

Кај ваквиот темперамент на дете социјалните вештини се секогаш послаби, но тоа не значи дека не треба да ја поттикнувате на дружење баш поради тоа што е потивка и лесно може да се расплаче. Напротив, таа треба од вас да слуша дека е добра другарка, дека умее убаво да си игра, дека дава убави идеи, дека убаво размислува итн. Лесната плачливост е одраз на отсуство на психолошки сили и особини, карактеристики на кои детето може да се потпре. Затоа е важно заемно да го осознавате нејзиниот емоционален свет. Да читате приказни, да цртате и да зборувате за вашите и нејзините емоции, да зборувате на јазикот на емоциите. Во вашата комуникација треба да се присутни пораките изразени во соодветен контекст на нејзино поведение: „Се гордеам со тебе“, „Верувам во тебе“, „Ме правиш среќна“, „Уживам во времето поминато со тебе“, „Храбра си“, „Упорна си“, „Трпелива и толерантна си“, „Ме инспирираш“, „Навистина си добра сестра, другар“ итн. На тој начин ќе ја поткрепувате нејзината слика за себе, која е основа за тоа каков квалитет на контакт ќе создава со внатрешниот и надворешниот свет.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X