Пред нас е сезона на бобинки, па многу мајки се прашуваат дали да им дадат на своите бебиња малина, капина, јагода, рибизла или да ја почекаат идната сезона. Ова прашање е важно бидејќи бобинките спаѓаат во намирниците што често доведуваат до појава на алергиски реакции, за разлика од бананата, јаболкото, крушата, морковот, месото, оризот…

Алергиската реакција на некоја намирница може да се појави на самиот почеток од нејзиното воведување, но и подоцна во бебешката исхрана, особено доколку кај бебето постои склоност кон алергии. Исто така, алергијата може да се јави доколку некоја намирница се воведе во исхраната на бебето многу порано отколку што се препорачува, а ова особено се однесува на високоалергените намирници во бебешката исхрана, како што се бобинките, медот, цитрусното овошје и јаткастите плодови, како и кикиритки…

Како изгледа алергиската реакција кај бебето?

Ако кај детето, непосредно по земање некоја, обично за него нова намирница, се јави исип по кожата, повраќање, пролив, болка во стомакот, кашлање, гушење, екстремна вознемиреност – тоа може да биде знак за алергија на таа намирница. Тогаш дадената намирница моментално се исклучува од употреба, во почетокот на одреден период, а ако затреба, за жал, и засекогаш. Секако, добро е по неколку недели или месеци повторно да му се даде намирницата на детето, во многу мали количини, па да се види дали ќе се појави реакција, бидејќи знае да се случи детето едноставно да „израсне“ и алергиската реакција на дадената храна веќе да не се јавува. Алергиската реакција ќе биде послаба ако се воведе подоцна или барем во препорачаниот период заради поголемиот степен на развиеност и зрелост на дигестивниот систем.

Практичен совет

Ако бебето е блиску до едногодишна возраст и досега немало алергиска реакција на ниту една намирница, можно е оваа сезона да му воведете некои бобинки (малини, јагоди, капини, боровинки, рибизли) во помали количини. Меѓутоа, доколку бебето има 6, 7 или 10 месеци, се советува сепак да се дочека сезоната од идната година кога овие здрави намирници ќе можете да им ги дадете свежи (секогаш подобра варијанта отколку замрзнати кога детето ќе наполни една година во текот на зимата).

Совет плус: Секако е важно секоја бобинка да се воведува поединечно, а овошниот микс да се прави така што секоја намирница посебно ќе се воведува.

На што уште да се обрне внимание?

Доколку постои можност, секогаш е најдобро на бебето да му се даде „домашна“ малина, од „градината на баба“, бидејќи се претпоставува дека таа малина е израсната на органски начин. Тогаш тоа е храна која е произведена без употреба на хемиски средства (без инсектициди, хемиски пестициди и вештачко ѓубриво). Пестицидите во храната се непожелни за децата, бидејќи тие се склони повеќе кон нарушувања во развојот од пестицидите заради забрзаниот раст и метаболизмот. Исто така, малите деца, особено најмалите, внесуваат пропорционално големи количини храна по килограм телесна тежина, па со самото тоа и штетните материи од неа. Употребата на оваа органска храна, поради сето наведено, најмногу има смисла кај доенчињата бидејќи нивниот имунолошки систем е чувствителен и ранлив.

Автор: Марија Мандиќ

Извор



912

X