Кога се во прашање децата и одењето по скали, постојат неколку фази низ кои детето поминува од својата прва до трета година од животот. Прочитајте што советува педијатарот Џована Армано.

Како што бебињата почнуваат да ползат пред да почнат да одат, на сличен начин ги освојуваат и скалите. И тоа е исто така начин на кој родителите би требало да го поттикнуваат детето да се качува по скали сè додека не добие поголема самодоверба за да стои на своите нозе. Во таа фаза (која може да почне штом вашето дете ќе почне да ползи ако скалите се блиску), скалите би требало да се осигурат со заштитни врати или ограда.

Со помош од 12 до 18 месеци

Кога твоето дете ќе почне да оди, прво веројатно ќе сака да ползи и покрај и по скалите. Држете го детето за двете раце додека се обидува да се качи по скалите и на тој начин можете да продолжите да вежбате со детето сè додека не се чувствува доволно способно и подготвено. Прво ќе ви се чини како буквално да го подигнувате детето од едно до друго скалило без многу труд од негова страна. Меѓутоа, наскоро ќе почне самото да ја поместува едната, па другата нога, па со текот на времето, по многу вежбање, ќе научи да одржува рамнотежа и можеби дури ќе се обиде и да ги пушти вашите раце. Ако му дозволите на бебето само да оди по скалите, секогаш бидете покрај него за да можете да го фатите во секој момент.

Од 18 месеци до втора година

Кога детето ќе почне да добива на рамнотежа и да оди чекор по чекор без држење на вашите раце, можете да почнете да го запознавате со задржување со рачето за оградата или на ѕидот. На тој начин можете да го држите детето за една рака, а со другата тоа да учи за правилните безбедносни процедури на скалите. Се разбира, колку и да ви се чини дека детето го совладало качувањето и спуштањето по скалите, секогаш бидете во близина и надгледувајте го секој чекор.

До третата година е полесно да се качува отколку да се спушта по скалите

Некаде околу вториот роденден детето ќе почне самостојно да оди по скалите, придржувајќи се само со едната рака за вас или за ѕидот. Ќе забележите дека побрзо ќе го совлада качувањето отколку слегувањето по скалите и тоа е сосема нормално. Охрабрувајте го детето и секако нагласете ја сигурноста над брзината. Некаде околу третата година веројатно ќе забележите како почнува да ги заменува нозете пред да се качува на скалите, особено ако скалите не се многу високи и стрмни.

Качувањето и слегувањето по скали како процес е покомплексен од одењето

Педијатарот Џована Армано од Хрватска нагласува дека одењето по скали е покомплексно од самото одење, па бара работа на различна група мускули и детето обично тоа го совладува околу втората година.

– За качување и слегување по скали, потребна е и дополнителна координација, совладување на рамнотежата… Обично детето оди прво покрај скалите, помагајќи си со рацете со кои се потпира на горното скалило, а подоцна ќе почне да се задржува со едната рака за оградата, ако може да ја достигне. или пак за рака од возрасно лице. Најчесто користи само една иста нога за да направи чекор на горното скалило, а не наизменично со двете нозе – вели Армано.

Кога се работи за слегување по скалите, д-р Армано објаснува дека спуштањето прво обично се одвива на задникот, а подоцна со одење, обично по втората година.

Добро е секогаш да има возрасна личност покрај детето додека оди по скалите за да не падне и да не се повреди. Ако во домот имате мало дете, а има скалила, добро е да се осигурат скалите со вградување долна и горна врата – како ограда, која детето не може да ја прејде, за да се избегнат можни несреќни случаи, објавува хрватскиот портал miss7mama.

Автор: Ана Шефчек



912

X