Додека бебето совладува важни вештини, како што се ползењето, кревањето и качувањето по скали, ќе му треба вашата целосна поддршка и внимание. Способноста на малечкото да се качува по разни предмети може да ве направи нервозни, но нема потреба да се сопира малиот качувач бидејќи неговите потреби се природни. Бидејќи, качувањето за детето е повеќе од ново искуство. Тоа ја поттикнува координацијата, ја јакне самодовербата и ја поттикнува независноста. Неопходно е да се заштити детето со прицврстување на тешкиот мебел на ѕид и вградување детски врати. Но, исто така, дајте си време да го научите детето како безбедно да се движи по скали. Иако родителските инстинкти ви велат да го сопрете кога тргнува по скалите, всушност, правилно е да го научите што да прави кога не сте во близина. Има ли подобар начин за учење за него додека го следи вашето будно око?
Кога децата може да се качуваат по скали?
Како и кај другите развојни моменти, периодот во кој детето почнува да се интересира за скали може да варира.
До 12 месеци: Ако бебето ползи, ќе го истражува своето опкружување, вклучувајќи ги и скалите на кои наидува. До својот прв роденден вашето малечко би можело да почне да се качува по скалите со раце и колена. Откако ќе ги совлада нагоре, за неколку недели ќе почне да се спушта, односно да се лизга надолу.
До 18 месеци: Кога детето ќе почне да оди и ќе стане постабилно, можеби ќе биде спремно за качување по скали. Во овој период тоа ќе оди чекор по чекор, со двете нозе на секоја скала, со помош на оградата и веројатно држејќи ја вашата рака.
До 2 години: До својот втор роденден детето би требало да може самостојно да оди горе-долу. Можеби, во оваа доба сѐ уште ќе се држи за оградата.
До 3 години: Околу третата година детето ќе оди по скали баш како и возрасните, менувајќи ја ногата за секој чекор.
До 4 години: Во овој период вашето дете ги совладало скалите, може да ги менува нозете за секој чекор и можеби веќе не мора да се придржува за оградата.
Како да го заштитам детето?
Иако скалите може да бидат причина за родителска грижа, постојат многу нешта што можете да ги направите за да го зачувате вашето дете безбедно. Од поставување детски врати до вежбање под надзор.
Заградете ги скалите со сигурносни врати
Која вид сигурносни врати се најдобри за вашиот качувач-почетник? Побарајте ги оние што задоволуваат строги стандарди. Вратата би требало да биде висока најмалку 55 сантиметри. Исто така, не смее има повеќе од 5 сантиметри простор помеѓу дното на вратата и подот. Скалите нека бидат чисти. На нив не би требало да има играчки, ниту други предмети, за детето да не се сопнува. Иако килимите на скалите може да спречат лизгање и да го ублажат падот, важно е да бидат добро прицврстени за да не дојде до сопнување.

Вежбајте на скалите
Откако создадовте безбеден простор, оставете го да вежба одење покрај скалите. Бидете во близина во случај да ја изгуби потпората и да се исплаши. Немате скали дома? Вежбајте каде што имате можност, за малечкото да може да стекне искуство. Откако ќе научи самостојно да оди горе-долу, сѐ уште е најдобро сигурносната врата на скалите да се држи затворена. Тоа е важно ако вашето малечко има навика да стане во текот на ноќта и да трча по скалите.
Имајте на ум дека оваа вештина не се совладува преку ноќ. Со многу вежбање и трпение, вашето дете, пред да помислите, сигурно ќе се качува и ќе слегува по скали.