Љиљана Јагодиќ, клиничкиот психолог во Србија  зборува за последиците од нездравиот однос со мајката за емисијата „Доктор Курир“

– Секој што некогаш бара помош од психолог има проблем во односот со некој од родителите. Најчесто тоа е мајката. Односот меѓу детето и мајката е многу важен во првите три години. Од тоа како мајката ги задоволува потребите на детето во тој период зависи какво ќе биде тоа – вели д-р Јагодиќ.

– Жените повеќе не се само мајки и сопруги, туку и бизнисменки. Поради тоа, им недостига време да му се посветат на детето. Србија е една од државите што имаат најдолго породилно отсуство. Секоја жена овде има можност да ја искористи таа прва година од животот на детето и да ги задоволи неговите потреби на вистински начин. Но тоа е само во првата година од животот.

Фото: life-coach.rs

Како врз развојот на децата влијае кога родителите се „поделени“, па мајката има близок однос со едното дете, а таткото со другото дете?

– Тоа не е добро. За здрав развој на личноста, потребен е добар однос со двајцата родители. Од нашиот однос со родителот од спротивен пол се формираат односите со нашиот партнер подоцна.

Често се зборува за посебно блискиот однос помеѓу мајката и синот. Едиповиот комплекс е сериозно нарушување, но изразот „едиповец“ лесно се користи.

– Кога велиме дека некој е едиповец, најчесто мислиме дека е поврзан со мајка му. Кога мајката има изразено близок однос со синот, причината за тоа е бидејќи нема добар однос со партнерот. Тие потреби што ѝ недостигаат во односот со мажот, таа ги пополнува преку синот, што никако не е добро. И од тој свој однос што го гради со синот влијае врз формирањето на неговите животни уверувања и на тоа каков однос тој ќе реализира со својот партнер и своите деца. Така што, повторно мајките се виновни.

За синот да порасне во здрава и емотивна стабилна личност, не е добро мајката да се обидува да одржува претерано близок однос. Уште на пет години таа треба да престане да биде претерано нежна и на убав начин (не со отфрлање за да не се јави страв од одделување) да се прекине тој премногу близок однос за синот да може да порасне во здрава личност.

Во тој период, кога ќе почне да ослабува мајчината улога во животот на синот, се зајакнува татковската улога. Оваа улога е особено важна во пубертетот, кога синовите се угледуваат на татковците. Сепак, добар однос треба да се гради од почеток, и тоа не преку ривалство.

Кои се последиците од лошиот однос меѓу мајката и ќерката/синовите?

– Една од најлошите последици, без разлика на полот, настанува ако мајката не ги задоволува детските потреби на најрана возраст. Тогаш децата стануваат емотивно студени личности. Не умеат да реализираат емотивна близина со другите луѓе, пријателите и партнерите и децата што ќе ги имаат. Таквите личности стануваат несигурни бидејќи од односот со мајката детето учи за самопочитта. Ако мајката не ги задоволува потребите на детето во првиот период, му испраќа порака дека неговите потреби не се важни и дека не заслужува да биде сакано.

 

Кога овие луѓе што пораснале покрај вакви мајки сфаќаат дека имаат проблем?

– Нема правила, но најчесто кога и сами ќе формираат партнерски односи. Тоа често се луѓе кои секогаш бараат исти партнери, кои не ги почитуваат, туку ги повредуваат. Главно поради тоа што и самите така биле третирани во детството или тоа го гледале во односот меѓу нивните родители.

Како може таткото да влијае ако забележи дека мајката премногу го врзува детето за себе?

– Така што ќе се преиспита себеси и ќе се обиде да биде добар маж. Ако таткото е поврзан со мајката, ако ѝ дава љубов и внимание, таа ќе се чувствува задоволно во улогата на сопруга и нема потреба низ улогата на мајка да го задушува детето и да го презаштитува. Тоа е здрава средина во која детето треба да расте.

Зошто некои мајки ги третираат децата како божество?

– Или самите така се воспитани или во односот со сопругот постои проблем, па не успеале на вистински начин да се реализираат во улогата на сопруга, и тогаш се зајакнува потребата да се реализираат низ улогата на мајка. Тука е и потребата некои лични, нереализирани амбиции да се реализираат преку детето, што е посебен проблем.

Колку често односот со родителите може да го однесе детето до ќор-сокак?

Често. Родителите се најважните личности во животот. Колку и да се лоши, ако станува збор за здрави луѓе, а не за патологија, тие го направиле тоа со најдобра намера. Некогаш од преголема љубов настануваат конфликти, остануваат рани што детето можат да го одведат до ќор-сокак.

Кажете нешто за влијанието на бабите и дедовците врз децата.

Децата од три години треба да одат во градинка за да се намали претераното влијание на бабата и дедото. Тие можеби немале време да им се посветат на децата додека работеле, но сега тоа го надоместуваат преку внуците. Родителите често не забележуваат дека децата им стануваат разгалени, па воведуваат систем со казни кога нивното однесување ќе ги премине границите. Тоа не е добро.

Родителот мора да му се посвети на детето. Да го запознае, следи, да разговара со него. Ако добро го запознаете вашето дете и имате искрен однос, нема да имате проблем. Не инсистирајте секогаш детето да ви се довери ако не сака, туку обидете се да го насочите на некој друг. Ако го притискате, можете да го турнете подалеку.

Потрудете се да реализирате добар однос со партнерот. Бидејќи, кога и да мислиме дека децата не гледаат дека сме несреќни, тие тоа го гледаат и патат. Не е подобро да останете во брак што е лош, туку поради децата, треба да работите на тоа да бидете среќни и задоволни. Без среќен родител, нема среќно дете.



912

X