Воспитување

Кога ќерка ти ќе наполни 13 години

Понекогаш останувам без здив поради неа, поради мојата преубава ќерка. Со едната нога сè уште е во детството, а другата ја подигнала спремна да скокне и да одлета во светот. Иако претходните 12 години прелетаа во секунда, моите спомени ги исполни со толку задоволство и ми го прошири срцето многу повеќе отколку што некогаш мислев дека е можно. Милион пати влегла низ вратата викајќи „мамичке!“ со сиот свој глас во потрага по својата прегратка по напорниот ден на училиште. Ми се вовлекуваше в кревет пред зора за да се галиме и ми ги крадеше штиклите за да оди со нив низ собата толку многу пати, што веќе не ни помнам. Нè забавуваше со своите едноставни танцувачки чекори и нè учеше дека сочувството во моментот кога најмалку се заслужува може да ги промени и срцата и умовите.

Довербата им дава моќ на децата

Иако уживав во речиси секоја секунда, сето тоа прелета додека да кажеш „кекс“ и ми изгледа дека ја губам од дофат. Бидејќи мојата слатка ќерка и јас сега сме на работ од тинејџерството.

Не можам да лажам. Ја забележав нејзината суптилна промена. Помалку ме фаќа за рака, а повеќе поминува време со пријателките. Штом ќе влезе во својата соба, ја затвора, а сè почесто добивам само мрморење и воздишки кога ќе побарам да ја исчисти собата, да го прошета кучето или да ја заврши задачата по математика. Повеќе не може да ја краде мојата облека бидејќи ногата ѝ е поголема од мојата и превртува со очите кога се обидувам да играм со неа во кујната – иако со доволно задевање и вистинската музика и понатаму доаѓа и ми се придружува.

Не е тоа ни така лошо, што се приближуваме до тој 13. роденден. Нежна е и внимателна кога ги чува децата од нашите соседи, како вистински експерт ги бакнува кога ќе се повредат и босонога трча по нив на тревникот, а јас веќе можам да видам каква мајка ќе биде еден ден. Напорно работи во училиште, во спортот и на пријателствата, па го препознавам нејзиниот неограничен потенцијал. Ја користи својата картичка за бесплатни производи во „Старбакс“ за да ми купи кафе и ми помага да ја средам косата и однапред да ја видам нашата иднина полна со шопинг и разговор во кафулиња за да споделиме што има ново. Потоа сум затекната кога ќе видам со каква страст решава неправди во светот со желба да им помогне на другите и неверувањето кое го покажува што јас користам пластична сламка за леден чај, бидејќи не се сеќавам на оние документарци за морските желки? И знам дека ќе го промени светот на подобро.

Понекогаш не го препознавам тоа дете-жена од речиси 13 години кое стои пред мене, со долги раце и совршено средена фризура и нозе до грло. Понекогаш гледам само бебенце замотано во розово ќебе, 3-годишно девојче со шал околу вратот кое ја носи својата кукла секаде со себе, 8-годишно девојче во комбинезон како спасува пајаци од сигурна пропаст, мало девојче кое се претвора во жена пред моите очи.

7 работи што не треба да ги правите кога детето ќе стане тинејџер

Овој период е многу збунувачки и за двете. Таа е и ураган и оаза на мирот во нашата куќа, истовремено сее и радост и хаос каде и да оди. Во еден момент е нетрпелива, а во друг е гласот на разумот. Ужасно ѝ се потребни независност и контрола, но и понатаму ѝ требаат моето внимание и допир. Пушта солза, толку солзи, поради фрустрација, поради бес, презир, тага. Во најмрачните моменти, бесна е на мене – своето засолниште – поради сето она што не е во ред со светот.

И кога имам чувство дека срцето ќе ми пукне, самата помисла на сето она што веќе го немам, слушам низ ходникот како се смее од срце и се загледувам длабоко во оние исти сиво-сини очи кои со часови и часови ги гледав во малата болничка соба пред речиси 13 години. Во тој момент, кога веќе не мислев дека тоа е можно, кога сосема вџашена помислував дека е тоа истото она суштество што некогаш ми спиеше на раце, срцето повторно ми се полни кога ја гледам својата ќерка како стои пред мене.

Бидејќи таа е на работ на тинејџерството. И едвај чекам да видам што е следно.

Автор: Витни Флеминг

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top