Ана е решена балетот да биде нејзина животна определба. Секојдневието не е воопшто лесно, но таа добива целосна поддршка од родителите Сања и Владимир

– Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?

– Белерина! – вели осумгодишната Ана Велкоска од Скопје.

Ана Велкоска / Фото: балетско студио „Диадема“

Овој сон го сонуваат многу мали девојчиња. Танцуваат пред телевизорот облечени во фустани од мајките. Но, малку од нив продолжуваат професионално да се занимаваат со балет. Ана е решена балетот да биде нејзина животна определба. Секојдневието не е воопшто лесно, но таа добива целосна поддршка од родителите Сања и Владимир. Тие велат:

– Ќе ја поддржиме во секоја нејзина одлука.

Ана имала 4 години кога Владимир ја забележал нејзината музикалност.

– Сакав да се занимава со уметност и да има вита става. И воопшто не згрешивме. Таа одлично се справува со сè – родена е за балет и танцување – вели Владимир.

Ана е трето одделение во Основното училиште „Љубен Лапе“ во скопската населба Аеродром. Идниот месец ќе полни 9 години. На прашањето што е полесно, решавање задачи по математика или балет, Ана како од пушка одговара:

– Балет, 100.000.000 отсто!

Задоволна по тешка кореографија

На својот 5. роденден Ана посакала да биде балерина, раскажува мајка ѝ Сања. Набрзо почнала да танцува и веднаш се покажало дека има голем талент за танц, особено за балет.

– На 7 години, кога веќе беше запишана во музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“, сфатив дека е прилично музикална… Татко ѝ пред мене го препозна нејзиниот талент за музика. Минатата година нејзината наставничка во приватното училиште инсистираше да ја запишеме во основното балетско училиште бидејќи во Ана препозна голем талент и уште поголема љубов кон балетот – раскажува Сања.

Балетот не е само уметност. Часовите подразбираат исклучително тешки вежби, напорни тренинзи и бараат одлична физичка подготовка. Работната недела е пребукирана. Секој понеделник и среда, по редовната настава, Ана прво оди во „Луј“ на балет, има пауза од 40 минути и продолжува на часови во приватното балетско студио „Диадема“. Во вторник и во четврток, по редовната настава, оди во училиштето „Ѓорѓија Пулески“ на часови по солфеж, а потоа продолжува на индивидуални часови по виолончело во „Луј“.

На прашањето како Ана се справува со сето тоа, мајка ѝ вели:

– Одлично се справува… Понекогаш има тешки вежби кои ја изморуваат, но секогаш е задоволна кога ќе успеат да изиграат некоја тешка кореографија. Ова важи за часовите во приватното училиште, додека во „Луј“ часовите ѝ се лесни, сувопарни и без кореографија. Поради тоа правиме комбинација во двете училишта – раскажува Сања.

Ќе ја поддржиме во сè што ќе одлучи

Ана додава:

– Првиот час трае 40 минути, а вториот еден час. Не ме болат ножињата – вели таа.

На прашањето што најмногу сака да танцува, Ана вели:

– Модерно. Кога ќе пораснам, сакам да танцувам како Александра (Сани) Стефановиќ-Бранѓолица, мојата наставничка по балет. Таа го држи првиот час – појаснува малата Ана.

Со идолот, наставничката Александра (Сани) Стефановиќ-Бранѓолица

Балетот е професија која има прилично ограничена перспектива кај нас. На прашањето дали ќе ја поддржат Ана ако таа навистина сака професионално да се занимава со оваа уметност, Владимир вели:

– Секако дека ќе ја поддржам, но не сметам дека има голема перспектива во Македонија. Но, секогаш постојат шанси за подобро.

Сања додава:

– Ќе ја поддржиме во сите нејзини одлуки. Ана е дете кое многу сака да свири, игра и пее. Преочигледни се нејзините таленти. И сето тоа го прави со леснотија и многу страст. Затоа ќе ѝ бидеме голема поддршка во сè што ќе сака да прави. Исто така, свесни сме дека тука нема големи перспективи за талентирани деца, но никогаш ништо не се знае… Можеби ќе има голема среќа, можеби ќе се променат работите… Можеби самата ќе си го позлати својот пат кон успехот!



912

X