Според советите на Светската здравствена организација, за вашето бебе најдобро е во текот на првите шест месеци од животот исклучиво да го доите.
Потоа, паралелно со доењето, можете да почнете да воведувате различна храна, пишуваат педијатри во угледниот портал за родителство и здравје на децата BabyCentre.com.
Доколку сè оди како што треба, и мајката од каква било причина не престанала да го дои бебето, периодот кога може да се почне со постепено одвикнување е околу дванаесеттиот месец.
Ако мајката мора да престане да го дои бебето пред да наврши една година, се препорачува мајчиното млеко да го замени со адаптирана формула. Во периодот на транзиција (преоѓање од мајчино млеко на млечна формула), заради полесно прифаќање од страна на бебето, мајчиното млеко може да се комбинира со адаптирано.
Одвикнувањето од доење е високоемоционално искуство и за бебето и за мајката. Од една страна, мајката може да биде тажна бидејќи ѝ завршува еден важен период, но истовремено може да биде среќна затоа што нејзиното тело, по долгиот период на бременост и доење, повторно станува само нејзино.
Добрата вест е дека со прекинувањето на доењето не престанува и вашата блискост со бебето, туку тоа е само почеток на процесот на поврзување кој продолжува низ низа други активности.

Кога е вистинско време да се прекине доењето?

Според експертите, вистинско време за тоа е кога вашето дете „само“ ќе одлучи, односно ќе престане да бара. Но, вам ви останува да одлучите што е најдобро за него.
За вашето дете доењето не е само хранење. Доењето му обезбедува чувство на сигурност и близина со мајката, па затоа, ако му дозволите самото, според сопствен ритам, да престане со цицање, помала е веројатноста дека ќе имате проблеми со одвикнувањето.

Како да го почнам процесот на одвикнување од доење?

Ако вашата одлука е да го помогнете процесот на одвикнување од доење, потребно е да ги следите следниве чекори:
Прва фаза: Понудете му ја дојката на бебето и оставете го да заврши со својот оброк. Откако ќе заврши, понудете му некаква цврста храна. Експериментирајте со вкусови и текстури.
Втора фаза: Во следната фаза цврстата храна понудете му ја на бебето пред доењето. За да бидете сигурни дека вашето дете убаво се заситило, потребно е да ги контролирате количеството и текстурата на неговиот измет.
Трета фаза: Доколку вашето бебе почнало да јаде оброци пред предвидениот термин за доење, во следната фаза почнете да му нудите ваше измолзено млеко во шишенце или во чаша. Со текот на времето во млекото можете да додавате и малку превриена вода.

Колку долго трае процесот на одвикнување од доењето?

Процесот на одвикнување е индивидуален и може да трае неколку недели, особено ако вашето бебе само „одлучило“ да престане да цица. Но, може да потрае и до шест месеци и многу е важно да бидете трпеливи. Процесот може да трае и подолго ако вашето бебе не е подготвено на тој чекор. Ако не сте сигурни, можете да се обидете за да видите како ќе реагира бебето. Доколку одвикнувањето е премногу стресно за вас или за вашето бебе, треба да почекате да помине одреден период.

Што ако моето бебе не сака да престане да цица?

Ако вашето бебе не покажува знаци дека е подготвено да престане да цица, бидете трпеливи. Тоа ужива во доењето бидејќи го смирува исто толку колку што и го храни.
Меѓутоа, ако бебето јаде и друга храна, а бара да цица само за да се смири и да почувствува сигурност, постојат многу начини на кои можете да се милувате.
– Милување на други начини
Обидете се заедно да гледате сликовница, да му пеете или да играте некаква игра.
– Одложувајте го доењето
Доколку вашето бебе е постаро, разговарајте со него. Објаснете му дека сè уште не е време за доење и дека ќе го нахраните подоцна, а потоа обидете се да му го одвлечете вниманието со други активности.
– Изберете го вистинскиот момент
Многу животни околности можат да влијаат врз вашето дете и врз неговото чувство на несигурност. Доколку било болно или вие сте се вратиле на работа, сте се преселиле… на вашето дете ќе му треба време да се навикне на таквите промени, и тоа не се вистинските моменти да му ги скратите вечерните милувања. Во такви ситуации одложете го одвикнувањето за следниот месец.



912

X