Воспитување

Кога е вистинското време детето да добие мобилен телефон

Сите родители во еден момент се наоѓаат во сериозна дилема – кога е најсоодветно на детето да му дадете мобилен. Дали е важно да се следи примерот на другите родители или, пак, познавајќи го своето дете и семејството, да ја донесете најдобрата одлука?
Паметните телефони станаа дел од секојдневниот живот на секој од нас. Мораме да го земеме предвид фактот дека децата константно се угледуваат на нас, па затоа не е изненадувачки што уште од најрана возраст сакаат да имаат мобилен телефон. Многу родители размислуваат која возраст е најсоодветна за нивното дете да добие телефон.

Пред донесувањето на оваа одлука треба да се земат предвид неколку работи. Иако многу апликации имаат одредени барања, како што се Фејсбук и Инстаграм, на кои има забрана за деца помали од тринаесет години, не постои конечен одговор за тоа кога децата би можеле да бидат доволно одговорни за да поседуваат телефон.
Прво мораме да кажеме дека многу зависи и од самата фамилија. Секој има различни причини за да му даде на детето мобилен телефон. Некои родители се самохрани, работат, и ним им е многу важно нивното дете да има телефон преку кој ќе можат да стапат во контакт секогаш кога е потребно. Со ова си ја олеснуваат комуникацијата и се помирни кога не се со децата.

Но, треба да се има на ум дека давањето телефон на дете кое не е доволно спремно на развојно и емотивно ниво може да предизвика големи проблеми. Затоа, добро е да се направи план и да се постават одредени правила кои ќе одредуваат кога и колку им е дозволено да го користат телефонот.

Кога правите договор со детето, секогаш треба да внимавате на начинот на кој разговарате. Често, поради грижата за употребата на телефонот и на неговото влијание врз детето, ние можеме да се поставиме негативно кон него, и затоа на нашето дете ќе му биде тешко да стекне доверба. Не треба да дозволиме поради мобилните телефони да станеме непристојни и безобразни кон нашите најблиски.

Мораме да ги разгледаме сите причини зошто нашите деца ги користат нивните телефони. Наједноставно е употребата да ја поделиме на три категории: едукација, забава, комуникација. Секогаш кога размислуваме на детето да му обезбедиме уред, мораме да го имаме на ум основното прашање: зошто. Кога себеси ќе си одговориме која од трите категории е пресудна, ќе ни биде јасно дали е вистинското време за тоа.

Сепак, најважно е да се знае дека секое семејство е различно. Секогаш треба да оцените што е најдобро за вашето семејство, како и за здравиот развој на вашите деца. Доколку вашето дете е склоно кон вознемиреност и депресија, морате да се запрашате како на него ќе влијае постојаното набљудување на животите на другите луѓе кои на социјалните медиуми изгледаат совршено, а всушност тоа не е реалната слика за нив.

Основното правило е да му покажете на детето со свои примери за што и како служи мобилниот телефон, Сепак, ние сме модел на однесување што тие го преземаат.
Треба да знаеме дека ние сме првата генерација што се соочува со овој проблем, немаме од порано пишани правила или водич за правилно однесување во такви ситуации. Самите размислуваме и се обидуваме да најдеме решение кое ќе биде корисно и за нашите деца, но и за нас самите. Затоа, најдобро е да се слушате себеси и да го гледате вашето семејство како независно, и по оваа основа да ја направите вистинската одлука. Ние најдобро си ги познаваме своите деца и на крајот со искрено разгледување на „за“ и „против“ ќе донесеме правилна одлука.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top