Кога имаат 13-14 години, децата почнуваат да ги молат родителите да ги пуштат на одмор со друштво. Според експертите, тоа е нормално бидејќи децата на таа возраст сакаат да бидат независни и да се чувствуваат како возрасни. Имено, на таа возраст расте потребата на децата за неконтролирана забава и ненадгледувано дружење, што ги наведува родителите да размислуваат кога е време за нивниот прв самостоен одмор.

Не се сите деца исти

Децата се различни, како и семејствата и средината од која доаѓаат. Сѐ зависи од тоа колку детето е социјализирано, способно да функционира нормално во друштво на врсниците, да се снаоѓа во различни ситуации и да се грижи за себе. Психотерапевтите објаснуваат дека некои деца се веќе зрели на 15 години, а некои на 18 не можат да функционираат без родителски надзор и помош.

Повеќето тинејџери се спремни за самостоен одмор дури на 17-18 години, по завршувањето на трета или четврта година во средното образование. Значењето на адолесценцијата е напуштање на семејството и промена на семејните врски. Тие врски не се прекинуваат, туку добиваат нови облици и димензии.

Адолесцентите си го бараат своето место во општеството, а самостојните одмори можат многу да помогнат во тоа. Знаењето и чувството дека сами се снашле во тие десет дена одмор значи многу за тинејџерите. Родителите треба да разговараат и да го испитаат односот на нивните деца кон независните одмори. Треба да го прашате детето каде и со кого сака да оди и што очекува. На тој начин полесно ќе се заклучи дали детето е подготвено да оди на одмор.

Направете компромис

Ако можете, идеално е да направите компромис. Оставете го вашето дете да оди на одмор со спортски клуб или училиште за странски јазици. Детето ќе мора да се снаоѓа без родители, но сепак ќе биде под надзор на тренер или учител.

Не држете му предавања на вашето дете

Родителите најмногу се плашат дека ако нивните деца одат сами на море, ќе почнат да пушат, да пијат, да се дрогираат и да се впуштаат во ризични сексуални односи. Нормално е родителите да се грижат за своето дете, но не треба да се преоптоваруваат. Ако детето сака да направи нешто лошо, тоа ќе го направи и дома.

Пред патувањето, на детето треба да му се дадат основни совети како да се заштити и да се однесува во случај на несреќа или болест. Предавањата за опасности, дрога, цигари, алкохол, тепачки и секс не треба да се одржуваат во последен момент. Ако пред патувањето не сте му објасниле на вашето дете дека не треба да пие и пуши, колку се опасни дрогите, дека треба да избегнува кавги и ризични сексуални односи, тогаш разговорот пред самото патување нема смисла.

Не јавувајте му се вашето дете неколку пати на ден

Ако веќе сте му дозволиле на вашето дете да оди на одмор, не треба да му се јавувате секој час, да проверувате што прави, дали јадело и кога си легнува и кога станува. Доволно е вашето дете да ве контактира кога ќе пристигне на својата дестинација и уште неколку пати за време на одморот. Во спротивно, ако постојано го контролирате, годишниот одмор ќе се претвори во „кошмар“ и за вас и за него.

Извор



912

X