Дознајте кога е време доматот да се најде на бебешкото мени, како и начинот на кој е препорачливо да се подготви. Доматот е одличен извор на витамини А и Ц, но со него во почеток треба да се биде внимателен.

Кога доматот треба да се воведе во исхраната?

Вообичаена препорака на педијатрите е доматот да стане дел од исхраната на бебињата помеѓу нивниот десетти и дванаесетти месец. Причината поради која доматот подоцна се вметнува во исхраната е неговата киселост, која може да биде непријатна за бебето, кое уште нема доволно развиен дигестивен тракт.

Доматот е всушност овошје кое содржи високо ниво на киселост, што на детето може да му предизвика појава на „немирни црева“, а понекогаш дури и исип околу устата или задницата. Бебињата најчесто така реагираат на доматот, но доколку не е зготвен. Зготвениот домат многу ретко предизвикува некаква реакција бидејќи готвењето ја регулира киселоста. Некои родители дури од осмиот месец почнуваат со доматен сос во исхраната на бебињата. Но, ако не сте сигурни или вашето дете имало реакции на некои намирници, тогаш за воведувањето на доматот посоветувајте се со вашиот педијатар.

Хранлива вредност на доматот

Еден домат од средна големина содржи во просек 47 отсто од препорачаниот дневен внес на витамин Ц и во просек 22 отсто од препорачаниот дневен внес на витаминот А. Поради високата количина на витамин Ц, доматот помага при апсорпција на железото.

Како да изберете и како да ги чувате доматите

Доматот од органско производство, секако, е најдобар избор. Кога одбирате домат, потрудете се да биде свеж, да не е никаде удрен или згмечен и да не покажува знаци на скапување. Доматот треба да биде цврст, но не и тврд, иако тој може да дозрее и во домот. Додека не го зготвите, исечете и не го ставите во јадење, чувајте го во фрижидер. Не оставајте го на место изложено на сонце, иако тој може да издржи на собна температура два до три дена. Зрелиот домат што сте го чувале во фрижидер држете го десет минути на собна температура пред јадење.

Најдобар начин за подготовка

Доматот може да го готвите на пареа или да го пржите. Се препорачува слабо пржење на малку маслиново масло, а потоа да го пасирате. Можете да направите и доматен сос на традиционален начин.

Неколку рецепти за бебиња што вклучуваат домат

Доматно пире

Потребни ви се: 4 или 5 поголеми домати, 600 милилитри вода, зачини кои веќе се воведени во исхраната на бебето.

Подготовка: Исчистете го и исечете го доматот на коцки. Ставете го во тавче и додајте вода. Оставете да се вари додека не се претвори во сос, па испасирајте го. Доколку сакате, додајте кромид и/или пиперка, но задолжително испржете ги пред да ги додадете во сосот.

Домат и тиквички

Потребни ви се: 2 тиквички, 2 домати од средна големина, малку маслиново масло.

Подготовка: Измијте ги и исечкајте ги на коцки тиквичките и доматите. Загрејте масло на тавче. Ставете го зеленчукот во тавчето и оставете да се пржи додека зеленчукот не омекне. Сервирајте врз ориз или додајте коцки од зготвено пилешко, говедско месо или риба.

Супа од домат и ориз

Потребни ви се: 1 голем кромид, ситно исечен, 1 поголем домат, 100 грама ситно сечкан целер, 1 ситно сечен морков, 3 лажици путер, 1 литар пилешки бујон, 3 лажици незготвен ориз, мелен бибер (по желба), 25 грама ситно сечкан свеж магдонос.

Подготовка: На путер запржете ги кромидот, целерот и морковот, додека не омекнат. Додајте ги доматот и мала количина од пилешкиот бујон. Нека се готви 15 минути. Додајте го преостанатиот бујон и ориз. Посолете и додајте малку бибер. Нека се готви уште 20-30 минути.

Храна што одлично се комбинира со домат: морков, пченка, модар патлиџан, боранија, грашок, банани, леќа, тиквички, праз, тестенини, ориз, пилешко, свинско и говедско месо.



912

X