На новородено бебе ќе му треба одредено време движењата да му станат координирани и контролирани. Но, напредокот ќе биде сѐ поголем со секој изминат месец. Многу брзо почнуваат да ги пружаат рацете кон предметот што го сакаат. Основни предуслови кои мора да бидат задоволени за детето да може да стои на нозе и да почне да оди се развиеноста на големиот и малиот мозок, зрелоста на нервните центри и соодветниот размер помеѓу должината, односно големината на нозете, трупот и главата.

Детето прво почнува да ја крева брадата, па да следи контрола на рацете и горниот и долниот дел на трупот, контрола на дланките и потоа контрола на нозете. Потоа станува на нозе, оди со помош на родителите и на крајот оди самото. Сѐ помалку зависи од семејството, може само да одлучи каде да тргне, но неговите чекори сѐ уште се несигурни и му треба многу вежбање додека да почне сигурно да оди и да трча наоколу. Кренатите и раширени раце, пак, му помагаат да биде посигурно. Со текот на времето ги усовршува брзината, ширината и должината на чекорите, а растојанието помеѓу стапалата станува сѐ помало. Она што родителите мора да го запомнат е фактот дека постојат големи разлики помеѓу децата кога се работи за нивните први чекори.

Секое дете има свој ритам на развој

Треба да се нагласи дека и кај сосема здравите деца не можеме да примениме единствено правило по кое тие би требало да проодат во одреден месец од животот. Постојат деца кои одат од 8. месец, додека други од 14., 15. или 16. месец. Родителите само треба да водат сметка да му бидат потпора на детето и да го поттикнат на движење. Повеќето родители се плашат дека детето ќе се повреди и често го држат за рацете за да не изгуби рамнотежа. Родителите го прават сето она што детето би требало да го прави самостојно, давајќи му до знаење дека на нив е целата одговорност поврзана за неговата безбедност. Се разбира, родителите не размислуваат така, но потсвеста на детето да. Затоа многу деца се навикнуваат тешките работи за нив да ги завршуваат други или барем да добиваат помош.

Но, ако родителите постојано му помагаат, му испраќаат порака дека паѓањето е безопасно, бидејќи тоа никогаш не ги почувствувало последиците од падот. Освен тоа, децата што знаат дека никој нема да ги фати, паѓаат значително поретко бидејќи стануваат попретпазливи, добро знаат дека може да сметаат само на себе. Па, ако видите дека детето се приближува до некој остар агол, спречете го тоа навреме. Кога се работи за ударите во глава, експертите сметаат дека ударите од рамна површина се главно безопасни. Имено, децата имаат некој вид природен заштитен механизам, па повредите при незгоди не се толку чести колку што се мисли. Освен тоа, за детето да сфати што е тоа паѓање, мора да го почувствува на своја кожа.

Развој на моториката од месец во месец

0-1 месец

Рацете и нозете се крути, а телото и вратот меки. Во исправена положба на телото, главата се наведнува, а рацете и нозете се благо свиткани. Во положба легнато на стомак, бебето ќе ја стави главата настрана, задникот ќе го крене нагоре, а колената ќе ги свитка под стомакот. Рацете ќе ги стави на градите, а лактите ќе ги свитка. Во положба на грбот, рацете и нозете се полузгрчени, а држењето на телото симетрично.

1-2 месеци

Детето ги крева главата и рамената од подлогата, а дланките му се полуотворени.

2-3 месеци

Додека лежи на стомак, детето се потпира на подлактниците.

4-6 месеци

Детето седи покрај лесна потпора, цврсто ја држи главата. Кога лежи на стомак, се врти на грб. Ако детето го држиме исправено, се потпира на нозете од подлогата.

7-9 месеци

Веќе може кратко да седи без потпора, да се врти од грб на стомак, да се крева до следната положба со помош на родителите (8), самото да се крене за да седне (9), да стои со придржување, па да ползи.

10-12 месеци

Детето самостојно се крева во стоечка положба, па оди со придржување. Од една година оди со држење за една рака, се наведнува за да дофати некој предмет и ползи.

13-16 месеци

Детето стои на нозе и без потпора одржува рамнотежа, може самостојно да направи десетина чекори. Од 14 месеци може да клекне и да стане, од 15 самостојно оди, а на 16 месеци трча наоколу.

18 месеци

Шутира топка, се качува по скали така што со едната рака се придржува за оградата, преместува предмети, самостојно седи на столче.

Автор: Луција Богданиќ

Извор



912

X