Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Професор на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р.Державин" - Свети Николе и Битола

Повеќе од авторот

Кога две деца се натпреваруваат, тој натпревар може да помине и без расправија, но доколку тука се замеша и трето дете, тој натпревар завршува со расправија

Натпреварувањето за престиж кај децата се јавува од четвртата година и се карактеризира со желбата на детето да се истакне пред другите деца и да ги надмине. Натпреварувањето или ривалството кај децата е еден вид социјално однесување.
Во четвртата година кај детето почнува да се јавува желбата за натпреварување со другите деца, а веќе од шестата година се јавува добро оформен натпреварувачки дух.
При натпреварување со своите пријатели детето станува возбудено и бучно. Кога две деца се натпреваруваат, тој натпревар може да помине и без расправија, но доколку тука се замеша и трето дете, тој натпревар завршува со расправија.

Еден од најчестите облици на натпреварување кај децата е фалењето дека детето е прво во некоја активност, дека има нешто што другите го немаат. Натпреварувањето често е присутно и во семејството помеѓу браќата и сестрите, доколку помеѓу нив постои љубомора, таа може да биде засилена и од страна на родителите доколку еден од нив заземе страна, при што другото дете ќе се чувствува запоставено. Ривалството помеѓу децата е често поврзано и со зависта на детето зашто другите деца да имаат нешто поубаво и подобро. Таа завист може да биде и позитивна доколку детето настојува да научи или да направи нешто исто како и неговиот другар или нешто подобро. Таквиот начин на размислување на детето го тера да се бори во животот да биде сè подобро и подобро, и да постигне подобар успех од другите.

Интересот за социјален престиж кој го дава ривалството во периодот на раната школска возраст е особено истакнат, тоа може да се забележи во интересот на децата за разни видови спортови и спортски игри. Желбата на детето да биде подобро од другите е присутна дури и во оние активности што не се интересни за детето, како што се школските активности.

Начинот на кој ривалството влијае врз однесувањето на детето ќе зависи од староста на детето, како и од неговата личност

Кога во натпреварот некое дете ќе добие награда, другите деца што изгубиле може да бидат разочарани, па тоа може да ги натера да бидат поупорни следниот пат и да се потрудат повеќе, првиот губиток може да ги мотивира за следниот пат да бидат поуспешни.

Додека едни деца се заинтересирани за натпреварување во групата бидејќи успехот им носи поголемо социјално признание и престиж, од друга страна, има деца кои знаат дека не може да бидат подобри од другите, но сепак се трудат да ги надминат тие деца и ќе доживеат разочарување. Доколку тоа често им се случува, тие деца ќе оформат за себе слика дека се неуспешни и дека за да постигнат некој поголем успех, ќе треба да вложат голем труд.

Автор: Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог



912

X