Децата се интересни ѕверчиња. Нè тераат да учиме. Дури и ако сте завршиле основно и средно образование, ако сте дипломирале, магистрирале и докторирале, ниту едно бебе нема ниту малку да го импресионира нижењето на податоците од вашата биографија. Заради него ќе морате повторно да седнете во училишната клупа – но во клупата на големото животно училиште, група предмети „Родителство“.

Се сеќавате кога пред уписот на училиште моравте да одите кај училишниот психолог? Тогаш сте добиле „зелено светло“ да тргнете на училиште – во овој случај, за училиштето за родителство никој навистина не може да ве подготви. Колку и да читате, колку и да ви се децата од пријателите блиски и колку и да ве обожаваат децата, со сопственото дете сè се менува. Повеќе на тоа гледате однадвор, како на стаклена кугла со вештачки снег: о не, кога ќе станете родители, влегувате во таа стаклена кугла. И дури потоа гледате дека она што однадвор ви изгледа како симпатична игра на пластични снегулки, однатре може да биде страшна бура со температури длабоко под нулата…

Вашата дневна соба, спална соба, кујна, тоалет, претсобје, тераса – сè ќе стане една голема игротека

За почеток, ќе сфатите дека веќе не владеете со своето време. Сега ќе мора да се приспособувате на времето на детето. Сте се простиле со времето, ќе се простите и со просторот. За почеток, тука се играчките. Ќе се обидувате да ги расчистите и селектирате, кадифените играчки на една, автомобилите на друга, куклите на трета страна. Сè убаво наредено во пластични кутии. Штом бебето ќе почне да оди, нема веќе кутии што ќе ги задржат играчките на едно место. Вашата дневна соба, спална соба, кујна, тоалет, претсобје, тераса – сè ќе стане една голема игротека. И со текот на времето, складиште на стари играчки. И прифатете го фактот дека ниту една соба не може да изгледа пристојно ниту 10 минути откако сè сте исчистиле и наредиле – тоа е златното правило и вие тука ништо не можете. Особено не во кујната. Или на масата. Таму вашето дете веќе ќе го покаже својот уметнички дар. Зелениот спанаќ така добро ја нагласува портокаловата боја на троседот, дамката од цвекло изгледа одлично на вашиот (најдраг) жолт фустан, а лепливите бонбони едноставно копнеат да бидат втриени и згазени на килимот.

Многу епизоди во растењето на вашето дете многу наликуваат на сцените од „Егзорцист“. Една фаза особено потсетува на хорор во кој млад (или не веќе толку млад) брачен пар живее во куќа која ја опседнуваат духови. Во вашето домаќинство – верувајте, тоа навистина ќе почне да се случува – одеднаш мистериозно ќе исчезнуваат работите. Ќе бидете сигурни дека карминот или четката за коса сте ја оставиле во бањата, но тие предмети ќе исчезнат без трага. Ако ја прашате својата 12-годишна ќерка каде е карминот, таа само незаинтересирано ќе ги крене рамениците. Или ќе ги преврти очите. Во почетокот нема да се сомневате во своето невино чедо, но кога ќе почнат да ви недостигаат обетки, парфеми и лакови за нокти, ќе почнете да се сомневате. Постојат 3 објаснувања: или вашиот сопруг почнал да ги бои ноктите на нозете или имате женски дух опседнат со хигиенски навики или – ма не е можно! – вашето девојче ги вмешало прстите во сето тоа.

Можеби навистина нема, а можеби и Дедо Мраз постои… Како и во текот на растењето на децата, ќе морате длабоко да воздивнувате и да признаете дека имате проблем. Имате дете кое ги „позајмува“ вашите работи. Се разбира дека не краде, само позајмува, бидејќи „како можеш да украдеш нешто што е во твојот дом?“ А сè што е во вашиот дом всушност е и во нивниот дом, па затоа – каде е проблемот?

Проблем нема, барем што се однесува до децата. Тие не гледаат ништо лошо во тоа понекогаш да позајмат нешто ваше без ваше знаење. Децата се истражувачи, а во првите интересни истражувања ќе тргнат на познат терен – во сопствениот стан или куќа. Вие можеби мислите дека таму нема што да се истражи, но тоа е затоа што светот не го гледате со детските очи. Ним секоја затворена врата, секоја неистражена скала, секој орман им претставува вистински предизвик и нема да се смират додека со затворени очи не се во состојба да издиктираат што се наоѓа во кој било дел.

А подрачјата што треба да се покријат се многу. Ќе почнат веројатно од најочигледното место, прва ќе падне дневната соба. Во тие фиоки има толку многу работи што на детето одлично ќе му дојдат. На пример, албум со стари (компромитирачки) фотографии – кои немирното дете ќе ги извлече кога ќе ви дојдат роднините кои баш и не ги сакате, па сите ќе останат 2-3 часа подолго и ќе се смеат на вашите тинејџерски мозолчиња. Во дневната соба обично има и орман чија содржина е идеална мета за вашето ангелче во тинејџерски години – алкохол. Залудно со фломастер ќе цртате на шишињата, бидејќи вашиот тинејџер со пријателите ќе испие неколку голтки од ракијата на дедо, па ќе стави вода во шишето за да се изедначи со вашата „цртка“. Сепак, кога подоцна ќе чуете звуци од повраќање во тоалетот, ќе ви стане јасно…

Момчињата дефинитивно ќе искористат сè што ќе може да најдат во гаража. Ако нешто им помага да изгледаат подобро во очите на своите врсници, тоа со брзина на молња ќе исчезне од гаражата. Лименки со боја или боја во форма на спреј? Простете се од тоа – со боја ќе прават линии на игралиштето, а со спреј ќе го напишат името на својот „омилен“ наставник и ќе додадат дека е „коњ/вол/мајмун“, се разбира – на ѕидот од училиште. „Нозе“ многу лесно може да добијат и другите потрошни материјали, а ниту вашиот скутер не е сигурен. Колекцијата од стари плочи на „Дјуран Дјуран“, „Френки Гоус ту Холивуд“ и слично кои ги чувате на таванот ќе послужат како фризби, а топката со потпис од вашиот омилен фудбалер ќе заврши на ливада. Ако таткото сокрива во гаражата и некое списание за возрасни, и тоа многу брзо ќе се најде во погрешни раце. Немојте да кажете дека не сте биле предупредени…

Девојчињата имаат малу поинаков „модус операнди“, ним повеќе им е примамлива територијата од бањата. Поточно, тоалетот на мама. Мајката ќе се вџаши колку брзо исчезнал новиот парфем, а кармините ќе исчезнуваат еден по еден – сè додека вашето девојче не пронајде нијанса која најдобро му одговара. Гелови, шампони, стегачи за коса – на сето тоа вашето девојче полага право. Сè што е нејзино, нејзино е, сè што е ваше – нејзино е. Штом ќе им го снема првиот крем за отстранување шминка, многу мајки мудро одлучуваат дека е време да набават кутија за накит со клуч. Проблемот е во тоа што пред љубопитното детско око речиси е невозможно да се скрие, дури и така мала работа како што е клучот.

Треба ли да глумите полицаец на своите деца кога ќе почнат да „позајмуваат“ работи зад вашиот грб

Во случај да успеете да го направите тоа, по неколку дена и вие самите ќе го заборавите местото каде што сте го скриле клучот. Потоа ќе ја обиете кутијата за накит и ќе ѝ се препуштите на судбината. А таа е во рацете на вашето девојче. Момчињата се помалку активни во истражување на тоалетот, па евентуално може да се залепат до вратата кога тато се бричи.

Спалната соба е следна на попис; за децата вашата спална соба е како разбојничката пештера на Алибаба, полна со скриено богатство. Облеката е прва на мета: маиците на мајката, фустаните, здолништа, чорапи… сите тие работи едноставно тинејџерките ги пробуваат. Ако во спалната соба ги чувате штиклите што многу ги сакате, морате да знаете дека кога нема да бидете дома – вашата ќерка сигурно ќе ги облече и ќе се обидува да оди со нив како топ-модел.

Претсобјето е исто така на списокот со места кои треба да се истражат од очигледна причина – на ѕидот има оддел за клучеви. А еден клуч е посебно интересен, клучот кој ги отклучува сите соништа на секое дете, клучот од автомобилот. Она дете што ќе успее од тато или мама да го земе клучот од автомобилот и да ги провози пријателите, во друштвото добива статус на икона, обожуван е и се признава за лидер. Тоа го можат само посебни таленти. На некои толку им се допаѓа „позајмувањето“, што одлучуваат од тоа да направат кариера, па „позајмуваат“ автомобили и од други мајки и татковци – додека не ги фатат. А полицајците, знаете и самите, немаат баш некоја смисла за хумор и тешко им се објаснува дека човекот едноставно „истражува“ и „позајмува“ нечиј автомобил, накит, паричник…

Треба ли и вие да глумите полицаец на своите деца кога ќе почнат да „позајмуваат“ работи зад вашиот грб?

За почеток мора да разговарате со своите деца. Да им разјасните што значи да се земе нечија работа без согласност. Треба ли да ги казните ако нешто уништат или потрошат? Да речеме дека треба да им се покаже колку ви е значајно тоа што го уништиле. И внимавајте казната секогаш да одговара на „злосторството“, не претерувајте. Но, немојте да дозволите да се извлечат без последици. Научете ги дека по секој чин следуваат последици. Добри или лоши. Учете ги, како што и тие ве учат вас.

Автор: Крешимир Шего

Извор



912

X