Одејќи во градинка и училиште, веројатно сте забележале дека меѓу децата постојат различни типови: она што молчи, вади мрсули и ги јаде, она што стои в ќоше, она што скока и фрла предмети во очите  на другите, она што ги следи другите и повторува по нив и она што вели: „Ајде сега ти биди тука, а јас таму“.

Кога станав мајка, размислував за тоа во која група би го ставила моето дете. Иако знам дека групирањето е лошо, сакав да видам кој е тој. За да го увидам тоа, морав да почекам. Во почетокот моето малечко беше онa што сакаше да ги следи другите. Тоа траеше некое време и во период од една и пол година забележав дека се вклучувам во играта според негови насоки. Уште не зборуваше, но се лутеше ако нештото не го повторев на истиот начин како што сум го направила првиот пат. Сам знаеше да го игра она што му го имав покажано и така ме имитираше. Проблемите настануваа кога јас нешто креативно менував, па количката не ја возеше мама, туку дедо. Тој синдром на доминација во играта се зголемуваше со годините (поточно месеци). Сега има три години, а мојот гениј го достигнува врвот.

Ја кројам играта по свое

Тој е оној што секогаш добива идеја кога ќе види некој предмет. Тоа ни создава тешкотии при одењето во градинка, на спиење, во продавница. Кај него не функционира договорот дека по завршувањето на играњето со сложувалките кои во моментот ги обожава ќе појде со мене. Тој завршува со една играчка и веќе гледа друга и добива нови идеи што да игра. Неговата доминација се изразува и во играта со возрасните, а особено со децата. Наше сосетче има три години. Се дружат подолго време и во почетокот се гледаше дека тоа дете е некој што ќе следи и кој е помирен. Тие двајца одлично се согласуваат. Мојот син исто така е оној што предлага игри, а неговиот пријател го следи во чекор. Неодамна на роденден врескаа и се смееја, трчајќи заедно. Се разбира, мојот син беше тој што ја покрена играта и трчаше носејќи ласер, кој неговиот мал пријател се обидуваше да го улови. Двајцата беа среќни. Проблемите настануваат кога ќе наиде дете кое e слично на него. За среќа, ги нема многу во нашето опкружување, па немаме ни многу проблеми. Некогаш ми е драго што е љубопитен и знае што сака, а понекогаш тоа ми е напорно и посакувам дете кое е малку попустливо. Главно добро се снаоѓа во група со деца и ако никој не го следи, самиот го прави она што го наумил. Секогаш на крајот некој ќе се приклучи. Навистина имаме што да научиме од децата.

Подобро прашај возрасна личност

Она што му беше инспирација е ситуацијата која и мене ме изненади. Мојот син сака деца и ретко е во судир со некого. Сепак, еден ден на игралиштето пред еден ресторан дојде до мене потиштен и ми рече дека она девојче рекло дека треба да ги соблече чевлите. Сфатив што се случило, но се обидувам да не се вклучувам во детските разговори. Беше пред конструкцијата за качување, на која другите деца се качуваа, но беше многу малечок за и тој да го прави тоа. Напред имаше упатство за соблекување на чевлите и тоа го направија сите деца, освен мојот син. Во еден момент, му пришло девојче и му рекло дека треба да ги соблече патиките. Не ја послушал, па таа повторила. Третиот пат дошла до него и строго му посочила дека не смее да биде со патики со објаснување кое не го слушнав во целост. Ја решивме ситуацијата со разговор дека не треба да ги слуша другите врсници кои му кажуваат што треба да прави, туку во такви случаи да праша некој постар, како што и направи.

Деца-шефови

Тоа ме потсети на некои ситуации од паркот во кои децата често им даваа упатства на останатите. Тие не беа децата што следат, туку оние што издаваат наредби и „шефуваат“. Со тој израз се послужија и нивните родители кога зборуваа за своите деца. Ми беше симпатично што родителите се малку разочарани што нивното дете ги критикува другите и им дава упатства како да се однесуваат. Таквите деца често ги карактеризираме како тешки и помалку симпатични. Со нив често се конфронтираме. Размислете од психолошка страна за причините за однесување и ќе дојдете до логичен и интересен заклучок. Земајќи предвид дека на детското однесување во најголема мера му влијаат околината и ние како родители, тоа нè имитира нас. Понатаму, таквото дете кое нè имитира и ги пренесува упатствата што му ги даваме за соодветно однесување – всушност е многу послушно. Како прв впечаток би го рекле токму спротивното.

Децата се мали огледала. Детето кое шефува и е строго кон другите, всушност, е многу строго кон себеси. Сакате ли вашето дете да биде критично кон себе, па и кон другите? Можеби е вистинскиот момент за тие деца што се мали шефови да ги ослободите од притисокот на своето „шефување“. Тоа е мал аларм за да го менувате воспитувањето. Ќе видите како и вашиот мал шеф ќе исчезне. Критичноста не оди рака под рака со самодовербата. Она највредното на кое можете да го научите своето дете и да го пратите во светот е токму самодовербата.

Така, кога повторно ќе се налутите на детето-шеф, нека се запали алармот дека тоа дете е премногу критично и дека можеби му треба пофалба, а не уште една критика на сметка на неговото шегување. Ова важи и за возрасните.

Автор: Данијела Миклец, учителка, колумнистка



912

X