м-р Слаѓана Трајкова, логопед

м-р Слаѓана Трајкова, логопед

ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје
тел: 075 857 284

Повеќе од авторот

Со децата што имаат проблем со читањето пристапот мора да е индивидуален

За да се научи едно дете да чита, потребно е да вложи напор, но не само тоа, туку и неговите родители и наставникот кој го учи. Знаењето се црпи од книгата, па така книгата станува постојан придружник во текот на животот. Да се знае да се чита е неопходна потреба во живеењето.

Гледано отстрана некој ќе каже: Па, не би требало да има проблем со читањето, ако учи, ќе научи да чита.
Сепак, одредени деца колку и да го учат читањето, сепак наидуваат на тешкотии. Тешкотиите се јавуваат или кај самото дете или во начинот како се учи тоа дете да чита (методот).
Најтешко е кога детето има објективен проблем, па тоа ќе се спои со неадекватниот метод на описменување.

За несовладана техника на читање кај децата многу се зборува и дискутира. Денес е актуелна тема не само за стручните лица, туку и за родителите, кои се загрижени за своето дете кое сè уште не научило да чита, или пак чита, а потоа кога ќе го прашате што прочитало, не знае (чита без разбирање).

Станува збор за деца со типичен развој и нормален социјален статус, а не можат да одговорат на своите школски обврски (не можат да научат да читаат или тешко и бавно читаат). Во одделението ги декларираат како ученици кои тешко и бавно читаат, а оние што ги слушаат не можат убаво да разберат што е прочитано. Детето се чувствува фрустрирано, но истовремено фрустрирано се чувствува и наставникот.

Порано децата тргнуваа во прво одделение со полни 7 години, и сосем неподготвени. Повеќе трчаа по семејните дворови или маалските улици и играа многу друштвени игри, а малку време поминуваа држејќи го моливот или боиците в рака.
Но денес не е така. Живееме во време во кое секое семејство има телевизор, компјутер, децата се носат во игротеки, на настани од културниот живот. Многу деца посетуваат претшколски установи (градинки) и едукативни центри каде што многу рано се стекнуваат со знаење. Самите градинки изобилуваат со богати претшколски програми, па на детето му се отвора можност да се запознае со буквите. Одејќи во градинка, преку игра и осмислени активности, тоа ги гледа буквите, ги бои со боички, ги прецртува и прави напор да препише буква што му е дадена како модел. Многу деца успеваат уште во градинка, на претшколска возраст 5-5,5 години на овој или на оној начин да научат да читаат, или да научат да си го напишат името. Многу од децата на оваа возраст читањето го учат сами, или учат да читаат потпомогнати од своите родители.

Оние деца што одат во градинка учат да го држат моливчето или боичката и се трудат да бојат во боенка, па така се запознаваат со употребната вредност на моливот, боичката, пенкалото (си цртаат, бојат, поврзуваат точки, прават линии, моделираат букви од пластелин, редат сложувалки…). Сето ова е вежба на раката, но децата успеваат и да препознаат букви. Кога ќе ја обликуваат буквата тие многу рано се запознаваат со нејзината природа и уште додека ја прецртуваат изговараат на глас (а, е, м, т). Гледајќи се едно со друго, тие како да се натпреваруваат, истовремено си играат и се радуваат кој ќе ја препознае буквата…

Во домашни услови на детето треба да му се даваат боенки, листови и да бои со боици. Дома, кога е пред екран, добро е детето да гледа корисни едукативни емисии, а родителот да му дообјаснува за она што го гледа. Гледајќи и слушајќи, ќе ја научи песната за азбуката, и самото ќе почне да ја пее, ќе знае која буква по која доаѓа…
Сето ова придонесува уште од најрана возраст, на 5-6 години да се запознае со акустичната структура на зборот, и сето ова придонесува полесно да се совлада техниката на читање.

Како логопед, секогаш апелирам да се почитува индивидуалноста на детската личност. Кога се работи со него, мора да се имаат предвид условите во кои растело и живеело, со кого го поминувало времето и дали тоа време кога било чувано е квалитетно поминато време. Сите првачиња не учат да читаат во исто време и со исто темпо, и не можат да читаат на ист начин. Затоа мора да сме трпеливи. Не смееме да го проблематизираме она што е нормален процес на учење на читање.

Проблем настанува само кај 3-5% од децата, кои нема да постигнат ист успех како другите деца.
Кога детето, иако добро гледа и слуша, покажува недоволна созреаност, па не го разбира тоа што му се чита, или не памети, претерано е активно или повлечено и покаже тешкотии во читањето, треба да има посебна обука.
Децата што имаат несовладана техника на читање треба да користат посебната обука – предвежби за читање. Овие предвежби за читање ги работи стручно лице логопед и се базираат на психо-моторниот потенцијал, во согласност со претходно направена процена на говорно-јазичниот развој. Треба да се следи законот на говорно-јазичното развивање, правилната употреба на артикулацијата на гласовите, чистото и јасно зборување и правилна употреба на комуникативните вештини.
Едноставно кажано, она што го читаме, и тоа е говор, само во поинаква форма.

Како логопед со долгогодишно работно искуство, можам да заклучам дека самиот акт на читање на почетокот кај секое дете (прваче) повеќе е перцептивен, а потоа како расте и созрева, и перцептивниот начин на учење на читање преминува во когнитивен процес. Перцепцијата на знаците игра многу важна улога на самиот почеток, кај секое дете, кога треба да се научи да чита. Понатаму, како расте и созрева, детето се помалку ја употребува перцепцијата на знаците, а повеќе ја развива и се потпира на содржајната страна на тоа што ќе го прочита.

Читањето е синтеза на многу психички функции и секоја треба посебно (индивидуално) да се проучи кај детето и стручно да се обработи.
Работата со деца што покажуваат несовладана техника на читање е сложена и комплексна и бара исклучителна стручност.



912

X