Времето на повторно враќање на менструацијата е различно кај жените. Од што точно зависи кога ќе се појави првата менструација и кога најчесто повторно се јавува? Гинекологот примариус д-р Ула Мартон вели дека како прво, менструалното крвавење настапува многу индивидуално, односно зависи од низа причини, најмногу од динамиката и траењето на доењето, а се разбира, постојат и многу други причини (емоционална стабилност, телесна тежина на мајката, изложеност на стрес, услови на доење) што влијаат врз динамичните хормонски промени и со тоа врз настапувањето на менструацијата. Многу често првата менструација може да биде многу обилна и подолга од вообичаеното менструално крвавење.

Доењето со своето хормонско влијание (пролактин) доведува до супресија на лачењето на хормоните во јајчниците и со тоа индиректно ги регулира динамичните хормонски промени, кои доведуваат до пораст на јајце-клетките, па како последица следува овулацијата, што на крајот доведува до менструални крвавења. Поединечни фактори, како што се редукцијата во телесната маса на доилката и нагласените стресни ситуации, можат да служат за изостанување на поттикнувањето на позитивни повратни спреги кои доведуваат до воспоставување на уреден менструален циклус, објаснува гинекологот и напоменува дека воспоставувањето на динамиката на менструалниот циклус нема никакво влијание врз квалитетот на мајчиното млеко. „На неговиот квалитет влијаат многу метаболички процеси во телото на мајката, нејзината здравствена состојба, но и храната што ја внесува во телото“, вели таа.

Таканареченото „целосно доење“ –  е делотворно средство за контрацепција. „Во текот на актот на доење се зголемува лачењето на хормонот пролактин. Пролактинот ја намалува количината и пулсираноста на секреција на хормонот кој поттикнува лачење на гонадотоприн (CRF) во хипоталамусот. Без CRF нема гонадотропин LH и FSH, кои поттикнуваат созревање на фоликулите во јајчниците, нема овулација, ниту бременост. Затоа во текот на доењето се јавува таканаречена лактација аменореја. Доењето може да биде делотворна контрацепција само ако детето се храни исклучиво со мајчино млеко и доењето се спроведува во цели 24 часа: во текот на ноќта на секои 6 часа и во текот на денот на секои 4 часа, и тоа во правилни растојанија. Тоа е таканаречено „целосно доење“. Тоа е еднакво делотворно како земањето перорална контрацепција. „Оние жени што не спроведуваат целосно доење, не се целосно заштитени во текот на овој период по породувањето и доколку не сакаат повторна бременост, би требало да изберат некоја друга метода за контрацепција“, објаснува проф. д-р Снежана Шкраблин, специјалист гинеколог.

Автор: Тајана Третњак

Извор



912

X