Еве што советува д-р Горан Вукомановиќ, педијатар, за порталот Yumama.
Колку се „опасни“ другите деца за детето кога ќе се врати во колективот?
За жал, сведоци сме дека и болни деца се носат во групата во градинка. Затоа е можно тукушто закрепнато дете да дојде во контакт со заболено дете. Тоа тешко може да се спречи според погрешниот здравствен концепт во повеќето градинки – нема врска што детето кашла, кива, има „стаклест“ поглед… нека оди во градинка, да зајакне!
Дали постојат конкретни препораки кога да се врати детето во градинка по прележана инфекција?
Тешко е да се одговори на ова прашање, но еве неколку основни принципи:
– Ако детето имало вирусна инфекција на дишните патишта без компликации, која била проследена со покачена температура, треба да остане дома барем седум дена по оздравувањето.
– Ако во текот на вирусната инфекција се развила некоја сериозна компликација што бара антибиотска терапија (бронхитис, воспаление на белите дробови), 10 до 14 дена детето треба да биде дома.
Кога детето може да се врати на сите физички активности?
Претшколските деца ретко се изложуваат на екстремни напори, па доволно е да одмора седум до десет дена по завршувањето на болеста. Исклучок се само потешките инфекции (грип) или инфекциите со компликации – кои бараат барем двонеделно отсуство од потешки физички активности.
Како детето да се заштити од нови инфекции?
Веднаш треба да се истакне дека нема докажан медицински препарат кој може толку да го зајакне имунитетот на детето против вируси за тоа да биде целосно заштитено!
А витаминските препарати?
Во периодот на закрепнување од инфекција не е лошо на детето да му се даде некој од мултивитаминските сирупи. Не постојат „тврди“ медицински докази дека витамините можат да ги заштитат децата од нови инфекции, но сигурно не можат да им наштетат.
Кога треба да се размисли за привремено прекинување на одењето во градинка?
Тоа не е лесна одлука!
Социјализацијата на детето навистина е многу важна работа, па родителите се наоѓаат во непријатна ситуација да одбираат меѓу здравјето на детето и оправданата потреба детето да се дружи и социјализира. Сепак, постојат ситуации кога треба да се размисли за привремено повлекување на детето од градинка:
– Ако детето, и покрај доброто закрепнување, добива „сериски“ инфекции придружени со висока температура – тоа значи дека неколку дена по враќањето во градинка повторно се разболело, иако било целосно закрепнато и добило дозвола да се врати во групата. Кога ова почесто се повторува, навистина е „грев“ пак да се враќа во колективот.
– Кога детето има чести компликации во текот на инфекцијата што ја добило во градинка. На пример, ако детето неколку дена по закрепнувањето добие вирусна инфекција која завршува со воспаление на белите дробови, па откако ќе се излекува и пак ќе се врати во градинка, ќе добие бронхитис… па ќе се излекува и за брзо ќе добие напад на астма. Треба да се повлече од колективот, да се однесе на педијатар кој ќе ги направи неопходните испитувања и ќе одреди вистинска терапија, па дури тогаш треба да се размисли за негово враќање во колективот.
На крај, треба да се потенцира дека соработката меѓу родителите и педијатарот што го следи е од огромно значење. Поразговарајте со педијатарот, консултирајте се, па вашата одлука ќе биде вистинската.
Имунитетот е важен
Одбранбената способност (имунитетот) на детето е многу важна кога станува збор за должината на закрепнувањето по вирусна инфекција бидејќи влијае врз должината на борбата против вирусот, па така и врз должината на закрепнувањето. Добар пример за тоа се сериските инфекции. Ако детето по неколку „здрави“ дена пак се разболи, времетраењето на болеста ќе биде подолго бидејќи имунолошкиот систем не закрепнал од претходната инфекција. Се разбира, тогаш и закрепнувањето подолго трае.
Подигнување на имунитетот
Правилната исхрана богата со витамини и минерали може да му помогне на детето да ја подигне таканаречената неспецифична отпорност на организмот. Тоа не гарантира целосна заштита од вируси, но може да помогне детето потешко да закачи вирус. Добриот сон и редовната рекреативна физичка активност исто така можат да помогнат.
Вистинскиот баланс
Добро е кога градинката има свој педијатар, тоа значително ја унапредува здравствената заштита на децата во колективот. Сепак, не смее да се „прескокне“ педијатарот што го следи детето од раѓање и кој најдобро го познава. Затоа е многу важна комуникацијата меѓу лекарите што се вклучени во лекувањето на детето. Тогаш родителите ќе имаат можност да направат вистински баланс меѓу потребната социјализација и зачувувањето на здравјето на детето.